Шпанија и Португалија се подготвуваат за нов топлотен бран кој ќе трае во наредните седум дена со температури над 44 степени Целзиусови во делови на Пиринејскиот полуостров, што дополнително ќе го зголеми ризикот од шумски пожари.
Јужна Европа се бори со рекордна температура во текот на пикот на летната туристичка сезона, што ги наведува властите да предупредат на здравствени ризици. Научниците велат топлотните бранови се сè почести и поинтензивни во текот на летото поради климатските промени.
Во Португалија, повеќе од 900 пожарникари и 16 авиони и натаму се борат со два шумски пожари кои избиле во текот на викендот – во Одемира, на околу 200 километри јужно од Лисабон, во градот Урем на околу 140 километри северно од престолнината.
Властите прогласиле највисоко ниво на ризик од пожари во повеќе од 120 општини ширум Португалија.
„Факторите кои го предизвикуваат најновиот топлотен бран се со стабилна атмосфера – што доведува до небо без облаци – и доаѓање на голема маса на топол и сув воздух од северна Африка“, изјавил за „Reuters“ Рубен дел Кампо од шпанската метеоролошката агенција „AEMET“.
Тој изјавил дека овој топлотен бран генерално ќе биде поинтензивен, пораспространет и малку подолготраен од двата жешки бранови во јули.
Кампо додал дека комбинацијата од високи температури и многу ниска влажност довела до побрзо испарување на водата во резервоарите и тоа додека побарувачката била во пораст.
Според податоците на Министерството за животна средина, резервоарите на 31-ви јули биле на 42, 2 проценти од својот капацитет.
Португалската метеоролошка агенција „IPMA“ денеска објавила црвен метео-аларм поради екстремните горештини во шест окрузи во земјата, вклучувајќи го и главниот град Лисабон.
„IPMA“ соопштила дека температурата би можеле да надмине 44 степени Целзиусови во Евори, кој се наоѓа во широката рамнина во јужно-централниот регион Алентежо, и 41 степен во крајбрежните градови Лисабон и Сетубал.