Португалија прогласи осумдневна состојба на подготвеност поради високите температури до 43 степени

Во Португалија е прогласена осумдневна состојба на подготвеност, поради зголемениот ризик од шумски пожари. Земјата се подготвува за топлотен бран со температури до 43 Целзиусови степени, се вели во денешното заедничко соопштение на пет министерства.

Топлото време со себе носи „значително зголемување на ризикот од пожар“ што ќе трае до 15 јули, се додава во соопштението, пренесува АП.

Прогласувањето на состојба на готовност ѝ дозволува на португалската влада да го забрани пристапот до шумите кои се сметаат за особено ранливи, употребата на земјоделска механизација што може да произведе искри и огномети кои вообичаено се користат на летните фестивали.
Додека е во сила состојбата на готовност, полицијата и шумските стражари ќе вршат почести патроли.
Португалската влада соопшти дека за време на екот на сезоната на пожари, од јули до септември, 13.000 пожарникари, повеќе од 2.800 возила и 60 противпожарни авиони ќе бидат на готовс.

Во Португалија веќе подолго време се случуваат големи шумски пожари, а во 2017 година во нив загинаа 100 луѓе.

Во таа земја на крајот на јуни годинава 96 отсто од територијата беше прогласена за „екстремна“ или „тешка“ суша.