Политичките партии во Холандија постигнаа конечен договор за формирање нова влада на екстремната десница, изјави денеска победникот на изборите Герт Вилдерс.
По речиси шест месеци преговори, националистичката Партија на слободата (ПВВ) на Вилдерс минатиот месец постигна договор за формирање коалиција со три други конзервативни партии, но тие не се договорија за распределбата на министерските должности.
„Постигнавме конечен договор“, изјави Вилдерс за новинарите по речиси четири недели преговори. Коалицијата минатиот месец објави дека политичкиот аутсајдер Дик Шуф, кој не е член на ниту една партија, ќе биде нов премиер.
Шуф (67) до минатиот месец беше висок функционер во холандското Министерство за правда, откако со години ја водеше холандската разузнавачка служба AIVD и антитерористичката агенција NCTV. Во раните 2000-ти, тој беше шеф на холандската агенција за имиграција. Составот на владата се уште не е соопштен.