Пoсредниците апелираат до Израел и Хамас да го прифатат мировниот план на Бајден

Египет, САД и Катар, посредници во разговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, ги повикаа Израел и Хамас да се договорат за ставање крај на конфликтот.

„Завојуваните страни треба да склучат договор кој вклучува предлози дадени во петокот од американскиот претседател Џо Бајден“, се наведува меѓу другото во заедничката изјава на трите земји објавени од Египет.

„Предложениот договор ги обединува барањата на двете страни. Тоа им служи на повеќе интереси и треба да донесе итно олеснување на луѓето во Газа, како и на заложниците и нивните семејства. Овој договор е патот кон трајно примирје и ставање крај на кризата“, се вели уште во соопштението.

Во петокот, Бајден го претстави планот кој предлага шестнеделен прекин на огнот, преговори за условите за траен прекин на непријателствата и обнова на Појасот Газа.

Кабинетот на израелскот премиер Бенјамин Нетанјаху во саботата соопшти дека секое спомнување на опцијата дека Израел треба да прифати траен прекин на огнот пред „да го уништи Хамас“ не е „добар почеток“.

Неговите двајца коалициски партнери се заканија дека ќе ја напуштат владата доколку Нетанјаху прифати договор кој повикува на прекин на војната пред да биде елиминиран Хамас. Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир во саботата се закани дека ќе ја собори коалициската влада доколку Нетанјаху се согласи на мировен план што ќе стави крај на војната без да се елиминира Хамас.

Таков договор би бил „глупав, тој би претставувал победа за тероризмот и закана за националната безбедност на Израел“, рече ултра-националистичкиот лидер на партијата Еврејска моќ на Х.

Министерот за финансии Безалел Смотрич побара офанзивата во Појасот Газа да продолжи сѐ додека Хамас не биде уништен и сите заложници не бидат спасени, велејќи дека во спротивно нема да остане во владата. Во објава на платформата X, Смотрич, челник на екстремно десничарската Верска ционистичка партија, рече дека тој исто така се противи на привремените мерки како што се повлекувањето на израелската армија, враќањето на Палестинците во северниот дел на Појасот Газа или ослободувањето на повеќе затвореници од безбедносните затвори.

Палестинската милитантна група Хамас подоцна објави дека позитивно гледа на содржината на предлогот, но дека сè уште не е запознаена со деталите.