Постигнат договор за транзит на украинско жито низ пет земји од ЕУ

Европската комисија во петокот објави дека постигнала начелен договор за да се овозможи продолжување на транзитот на украинското жито низ петте земји од Европската унија кои воведоа ограничувања.

Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка ги наметнаа мерките поради загриженоста дека житото од Украина наменето за извоз во други земји завршило на нивните локални пазари, намалувајќи ги цените за локалните фармери.

Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис на Твитер објави дека ЕК постигна „начелен договор“ со пет земји „за решавање на проблемите на земјоделците“.

 

Рече дека договорот вклучува „заштитни мерки“ за четири производи – пченица, пченка, канола и семки од сончоглед. Тој не даде повеќе детали за мерките.

„Договорот вклучува и пакет за поддршка во вредност од 100 милиони евра (110,25 милиони американски долари) за локалните земјоделци, рече Домбровскис.

Тие пет земји станаа транзитни рути за украинското жито што не можеше да се извезе преку пристаништата на Црното Море поради руската инвазија на Украина која започна во февруари 2022 година.

Тесните грла потоа заробија милиони тони жито во земјите што граничат со Украина, принудувајќи ги локалните земјоделци да се натпреваруваат со приливот на евтини украински увозни производи за кои велат дека ги нарушиле цените и побарувачката.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека договорот „го зачувува извозниот капацитет на Украина да продолжи да го храни светот, како и егзистенцијата на нашите фармери“.