Построги правила на ЕУ за содржините на интернет за Google, Twitter, Metа и Apple

Американските технолошки компании Google, Twitter, Metа и Apple се соочуваат со построгите правила на Европската унија за онлајн содржината, засновани на месечните бројки на корисниците коишто ги објавуваат компаниите, а кои ги надминуваат прагот на ЕУ за големите онлајн платформи.

Според новиот Закон за дигитални услуги на ЕУ компаниите со повеќе од 45 милиони корисници се сметаат за многу големи онлајн платформи и се подложни на обврските како што се управување на ризикот и на надворешна и независна ревизија. Исто така, должни се да ги споделуваат податоците со националните власти во земјите членки и со истражувачи, како и да усвојат кодекс на однесување на интернетот во смисла на контрола на објавената содржина.

Европската комисија на интернет платформите и пребарувачи им даде рок до петокот 17-ти февруари да ги објават податоците за месечните активни корисници. Многу големите интернет платформи имаат рој од четири месеци за имплементација на новиот закон или ризикуваат да бидат санкционирани.

Од Twitter објавија дека имаат просечно 100,9 милиони корисници месечно во ЕУ, врз основа на процената изработена од податоците за последните 45 дена.

Од Alphabet на Google, пак дадоа една бројка врз основа на корисничките сметки а друга врз основа на одјавените корисници. Се додава дека на Google Maps просечно месечно биле пријавени 278,6 милиони корисници, на Google Play 27,6 милиони, на Google Search 333 милиони, 74,9 милиони и на Shopping и на YouTube 401,7 милиони корисници.

Од Apple велат дека единствено App Store е многу голема платформа, со над 45 милиони корисници. EBay, пак, соопшти дека е под прагот за квалификување како многу голема компании.

Претходно седмицава Meta објави дека има просечно 225 милиони корисници месечно на Facebook во ЕУ, и околу 250 милиони корисници на Instagram во последните шест месеци од 2022 година.