Потпишан договорот со Фронтекс меѓу Македонија и ЕУ на македонски јазик

Во Владата вечерва е потпишан Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс. Ова е прв официјален договор потпишан по отворањето на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

Договорот е потпишан на македонски јазик.

Од име на ЕУ го потпишаа амбасадорот на Чешка Јарослав Лудва како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон која е дел од делегацијата на Фон дер Лајен. Од македонска страна, пак, потпис стави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На потпишувањето присуствуваа претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен и премиерот Димитар Ковачевски, кои треба да одржат и заедничка прес-конференција за помошта што земјава ќе ја добие од Брисел за справување со енергетската криза.

Одлуката за потпишување на Договорот со Фронтекс, Советот на ЕУ ја донесе на 13 октомври. Тој е изработен на 25 јазици, вклучително и на македонски.

Со овој Договор, Фронтекс ќе може да ѝ помогне на Северна Македонија во нејзините напори за управување со миграциските текови, спротивставување на илегалната имиграција и справување со прекуграничниот криминал. Договорот овозможува да се организираат заеднички операции и да се распоредат тимови за управување со границите на Фронтекс во Северна Македонија, што е предмет на договорот на земјата.

Договорот меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија може да се види на следниот ЛИНК.