Потребата од изучување на културата на религијата, со посебен осврт на исламот

Современиот начин на живеење ја налага потребата за сознанија, љубопитност, за користење на искуствата во процесот на  демократизација, како и  од осознавање на промените на системот од една идеологија во систем каде науката ќе дојде до израз, како и  искуствата од Европа и од светот.

Секогаш потребата од „ зошто“ и од „ затоа што“ е многу интересна за секој кој учи, истражува, верува. Интересно е она љубопитно „зошто“, кога нештата се забрануваат, се избегнуваат, не се изучуваат и сл. Сведоци сме на системот на еднопартизмот, неговата идеологија и светост. Скршнувањето од него, поинаквото мислење од она што е став во програмата на СКЈ или на Централниот комитет, за таа индивидуа значеше осуда во прашање беа  неговото опстојување и егзистенција.

Во системот во кој живеев, темата религија беше табу тема, да не зборуваме за читањето на светите книги Библијата или Коранот или, пак, во наставно-воспитниот процес да се говори и да се учи за некои  современи светски религии (христијанство, будизам, ислам…), како култура, цивилизација, филозофија и сл.

Со еден збор, кај нас целта на воспитанието беше (е) детерминирана од карактерот на општеството и од потребите на неговото перманентно развивање. Преку содржините на сите наставни предмети и преку слободните ученички активности се настојуваше да се даде прилог кон марксистичката идејна слика на светот и на општеството.

Во тие рамки се движеше и нашето училиште, бидејќи беше подложено на државата – идеолошко потчинето на единствената партија СКЈ, а се’ тоа искажано преку документите и резолуциите на СКЈ, низ конгресите и говорите на Јосип Броз Тито, при што се нагласуваше потребата …„постојано да се унапредува квалитетот на марксистичката заснованост на севкупната воспитно-образовна работа“ (IX конгрес на СКЈ) или, пак, политичко се формираше вештачката нација муслимани и сл. Сите вакви и слични зацртани задачи мораше да се реализираат иако научно непоткрепени. Сетоа наставникот мораше да го реализира преку наставните предмети. Денес учениците го поставуваат прашањето „зошто“, а одговорот е „затоа што“.

Од се’ ова може да се согледа дека во тоа време не беше прифатливо било какво друго учење, без разлика дали тоа има позитивни или негативни погледи и сфаќања. Во ова насока беше третирана и религијата како „опиум на народот“.

Всушност, што преставува религијата?

Во однос на настанувањето и гносеолошките корени на религијата треба да се каже дека таа е најстар облик на општествена свест, затоа што најрано е настаната и во еден период била основа, па и единствен облик на таа свест. Тоа е периодот (првобитното општество) кога луѓето не можеле да ги сватат, објаснат и да ги протолкуваат природните и општествените појави кои се случувале. Може да се истакне дека религијата секогаш и секаде не играла реакционерна улога. Таа е прв облик на општествена свест, а од неа се одвоиле други облици, како на пример: филозофијата, правото, политиката, моралот и тн.Тоа значи дека во одредени услови религијата и црквата биле центар околу кој се собирал и се формирал националниот отпор или се создавале и се ширеле културата, просветата, писменоста, како што  бил случајот со православната црква во извесни периоди од нашата историја.

Можам да истакнам дека религијата е фундамент на општествената свест, а не нејзин назаден облик, како што можеше да се слушне последниве педестина и повеќе години.

*1) религијата е учење кое се однесува на најголемото битие (божество, Бог); вера, вероисповест; религиозен-кој припаѓа на една религија, побожен; Религиозност-верува во Бога, љубов кон Бог, почитување на Бог, живеење во согласност со прописите на верата, побожник.

На што особено треба да се обрне внимание

Во овој момент на размислување, а во врска со религијата и нејзината примена во образованието, прво треба да се анализираат и да се согледаат сите заблуди кои религијата ја отргнуваат од нејзината изворност на изучување, при што некои ја користат за политички цели и злоупотребуваат изворното учење, како што се Библијата или Коранот.

Денес сме сведоци на различни злоупотреби кои ги прават разни верски поглавари и верници, кои ги водат разни секти.

Во западниот регион на Македонија, сме сведоци на отворената злоупотреба на религијата во политички цели од страна на некои верски исламски одбори и на оџи, кои манипулираат со децата, младинците, па и со родителите, заплашувајќи ги дека ако не бидат послушни „нема да ги погребуваат“, „тие се каури“, „по вера се Турци“ и сл.

Секако, верата се злоупотребува и не се разликува вера од нација. Се’ ова се случува во Република Македонија, таму каде што живеат исламизирани Македонци.

Како што истакнав, ваквата злоупотреба на религијата го искривува и изворното учење од Светото писмо, од страна на оние кои проповедаат верско учење. Затоа е потребно денес да се знае изворното учење на Библијата, сега таа е најчитана и најпреведувана книга, која и’ припаѓа на заедничката култура на човештвото. Се случува учениците од основно, средно образование и на факултетите да незнаат ништо за Библијата. Истото може да се каже и за Коранот, врз чии основи некои држави од современиот свет, го градат и својот општествено-политички систем. Треба  да се знае фактот дека за целиот муслимански свет Коранот преставува составен дел од општото културно и етничко наследство, а за арапската нација таа била и останала темелна книга на националното чувство и традиција.

Во моето излагање особено ќе се задржам на некои аспекти на исламското учење. Зошто е потребно тоа да се знае токму во овој момент, особено кога има разни злоупотреби кај неодделивиот дел на македонската нација – исламизираните Македонци.

Ќе се задржам на некои аспекти на исламското учење на религијата во неговата суштина, култура и цивилизација.

*2 Библија (грч. Библион, книга) свето писмо, книга која го сочинува Стариот (на хебрејски) и Новиот завет. Тоа е наука која го испитува начинот, уредувањето и животот, обичаите и уметноста и сл.на оние народи кои во Библијата се спомнуваат (М.Вујаклија, Лексикон)

*3 Коран (арап. Куран), арапски напишано: религиозна книга, мухамеданец, кој во говорите содржи псалми, закони, совети и во легенди објавени боженски откривања, Мухамедански извор на вера и закони на Мухамед, содржи 114 глави (сури) (М.Вујаклија Лексикон)

Што е потребно да се знае?

Прво што треба да се согледа суштината и темелната основа на целата уметничка вредност, филозофијата на мухамедовото учење, што е изложено во Коранот. А, тоа е дека од муслиманите се бара да бидат трпеливи и покорни, бидејќи на „овој свет“, како идеално рамноправни, ќе бидат наградени, а угнетувачите казнети.

Коранот не само што е богослужбена книга за арапската нација, туку е и книга за разгорување на националното чувство и за доследно чување на народните традиции. За муслиманите таа е света книга.

Моралот во Коранот е основна движечка сила, што значи човекот мора да му се потчини на тој закон, а тоа потчинување се нарекува ИСЛАМ (покорност на Бога). Коранот многу полага на монотеизам-почитување на еден Бог и на социјална правда.

Што се мисли под муслиман? Научно е докажано дека се мисли на Арапите (под поим Арабјани не се подразбираат само Арапите, туку и сите други жители на Арабија). Арапите како народ се појавиле на историската сцена дури со појавата и со проширувањето на исламот во првите децении на VII век.

Исламот била нова религија, која проникнувала како резултат на социјалните противречности и на појавата на класното општество и на образувањето во државата Арабија.

Така, исламот почнал да се шири на сметка на друга вера, односно се вршела исламизација и над немуслиманското население, што се гледа и од прекршувањето на изворното учење од Коранот. Иако во Коранот јасно се вели „во верата нема присилување“, правиот пат треба да се разликува од заблудата. Сепак, следбениците на исламот подоцна не ја почитувале оваа забрана и се користеле низа несакани методи во исламизацијата. Доколку не се прифател исламот морало да плаќаат данок, да војуваат до пораз или победа.

Ваквата суровост не лежи во изворот на исламот, туку во луѓето, кои го измислуваат и го применуваат, како што беше случајот со Турците-османлии, кои во име на Алах вршеле тешки злоупотреби, кои не ги одобрува Коранот, ниту Хедисот (како втор исламски извор). Меѓу потешките злосторства од овој вид било насилно земање на „данок во крв“, односно на малолетните машки деца од христијанските балкански народи од страна на Турците-османлии, кои спротивно на волјата на нивните родители ги преведувале во исламот.

Може да се констатира дека прекршувањето на изворното учење на исламот има свои корени, кои и денес се забележливи.

*4 Ислам (арапски ислам) предан на Бога, со ова име Мухамед ја нарекол Мухамедова религија, кој ја основал и чии најстари документи се наоѓаат во Коранот и во Хадисот, основата на исламот се состои од пет главни точки: 1.Вера во Алах, како единствен Бог и во неговиот пратеник Мухамед; 2.Салат, молење во Бога пет пати дневно; молитва, рецитирање на свештените зборови, клањање и свртување на лицето кон Мека; 3.Закат-прилог за сиромашните; 4.Пост за време на Рамазан; 5.Хаџилук во Ќабе, Мека, се’ ова е исламизам (М.Вујаклија-Лексикон),

*5 Муслиман (арап.муслим тур.муслиман), оној кој проповеда ислам т.е. мухамеданец (М.Вујаклија-Лексикон)

Исламот како култура

Исламот како најмлада монотеистичка култура, односно религија со динамична и револуционерна сила, многу брзо се проширил на штета на другите религии. Уште од првиот век по смртта на Мохамед, неговите наследници ги освоиле Палестина, Сирија, Месопотамија, Персија (Иран), Египет и цела Северна Африка, од каде преку Гиблартар преминале на Пиринејскиот Полуостров и тука ја основале најнапредната и најпросветената држава на средниот век, и оттука ја пренеле својата  култура и цивилизација во Западна Европа. Во десеттата деценија по смртта на Мохамед власта од исламската религија се протегала од Кина до Јужна Франција.

За исламската култура, во нејзината универзална смисла, Балканскиот Полуостров станал терен каде се мешале, преплетувале, заемно влијаеле и коегзистирале остатоците од византиската, европската и новата исламска култура, која многу брзо се проширила во градовите, претворајќи ги во упоришта на исламско – ориенталниот  урбанизам, со дотогаш непознати урбани елементи: џамии, безистени, караван – сараи, медреси, амами, текиња и сл. Колку исламско – ориенталните елементи биле од големо влијание во речиси сите општествени односи кај немуслиманите се гледа и од фактот дека дури до денес е зачувана арапската култура, која преку Турците се проширила кај сите балкански народи.

И кај немуслиманите, имињата на јадењата главно се од арапско – турско потекло, како: чорба, халва, бурек, сарма, турли-тава и сл. Исто и кујнските предмети имаат ориентално потекло, како: сахан, теписи, тенџере, кашика и сл. Иако во прво време исламот им забранувал на немуслиманите да се облекуваат како муслимани, сепак христијаните и Евреите по градовите ја копирале ориенталната облека и до денес кај нив се зачувани ориенталните називи како: чакшири, шалвари, долама, антерија, џубе и сл.

Исламската култура навлегла и во внатрешната архитектура и со уредувањето на станот, поради што и кај немуслиманите од Балканот и до денес се зачувани ориенталните термини како: ода(ја), чардак, мутвак, ќоше, диван, софа, ќилим, софра, душек, јорган и сл.

Треба да се истакне дека исламската култура не дала визуелни уметнички дела како што дала Европа, но затоа ја развила калиграфијата, а преку неа и декоративните уметности било во исламинизирањето на страниците на книгите, по лица за книги, декорации на долапи, простирки за намаз, џамиски мимбери, калиграфски декорации на sидови, на садови и друго.

Така арабеската станала присутна уметничка форма на сите муслимани. Но, мора да се истакне дека исламот го спречил развојот на визуелната уметност, како што се иконостасот, вајарството, зоографството и сл. И во верската музика и пеење не дала особени естетски резултати.

Исламската култура со своето петвековно владеење на Балканскиот полуостров постепено навлезе во сите пори од општествениот живот, главно во градовите кои добиле исламски ориентален белег, а не и во селата каде се зачувала старата христијанска традиција.

Така, балканскиот град станал упориште на турската власт и на исламската култура, додека селото тешко се потпаѓало под влијание на исламската култура и останало извор на народните традиции.

Примена во наставата

Во наставно-воспитниот процес им се посветува големо внимание на старите религии (египетска, грчка, римска), а се запоставуваат карактеристиките на современите религии (христијанство, еврејство, будизам, ислам и сл.) или тие се прикажуваат, речиси, исклучително во светлината на историско – политичките настани, значи еднострано.

Не треба да се заборави и фактот дека за да се определиме и како атеисти и како верници мораме да ги познаваме луѓето, всушност да ги познаваме религиите на кои им припаѓаат.

Преку наставните предмети Историја, Литература, Филозофија, Социологија, ако сакате и по предметите од одделенска настава, по нивниот обем и длабочина по Природа и општество (ПО), Општество, мајчиниот јазик и други предмети; учениците се запознаваат со религијата, уметничките екскурзии се од големо значење за учениците, за да се посетат разни цркви и манастири како културно-историски споменици, за да се разгледа нивната архитектура, сликарство, историја, културна-просветна улога и сл.

Познавајќи ги изворните учења од одделни религии, нивната култура и цивилизација, нашите сознанија и видици се поголеми, како за минатото, така за сегашноста и за иднината.

Какво место ќе најде религијата во наставно – воспитниот процес и тоа:

  • Дали како посебен предмет на религии или во рамките на наставните предмети (Историја, Филозофија, Социологија, Литература и сл.). Оставам оваа тема да се проанализира, во тоа да се вклучат сите научни институции, да се согледаат досегашните искуства во Европа и во светот, да се слушне мислењето на родителите, како и на учениците.

Сепак, мора да се заклучи дека живееме во време на промени кога се отфрлаат сите табу теми.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес