![sdsm](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/sdsm1.jpg?resize=486%2C324&ssl=1)
Сите бегаат од изборен пораз во најголемата опозициска партија. Пишувањата на медиумите дека во СДСМ владее хаос со составувањето на кандидатските листи за парламентарните избори добиваат потврда со информацијата дека дури 17 лица се променети во споредба со првичните листи кои се појавија во јавноста, објави порталот Курир.
Првичните кандидатски листи на СДСМ претрпеа измени во шесте изборни единици, а најмноги промени има во петата изборна единица, каде во споредба со она што беше првично познато, променети се дури осум лица. Ова го покажуваат новите листи кои СДСМ ги достави до ДИК и кои воедно ги потврдуваат пишувањата на медиумите дека во најголемата опозициска партија врие од незадоволство.
Најголем дел промените се направени поради тоа што дел од лицата кои првично се најдоа се откажале од кандидирањето и не сакале да бидат дел од уште еден изборен пораз на социјалдемократите.
Во првата ИЕ, потпретседателот на Либерално-демократската партија Нано Ружин, кој се откажа од листата на пратеници на СДСМ со образложение дека не му е таму местото, е заменет со Бобан Јанкоски. Листата на СДСМ во „кецот“ претрпе уште една измена, па така на местото на Дарко Георгиевски е ставен Драган Бачварски.
Во втората изборна единица Данчо Божиновски е заменет со Виктор Груев, додека во “тројката“ Александра Митровска е заменета со Соња Стаменкова, а Гордана Стојанова со Маја Хешко.
Кандидатската листа за пратеници на СДСМ претрпе измени и во четвртата изборна единица. Ратка Алаванова е ставена на местото на Андреј Тасев, додека Ленче Стојанова на местото на Мери Лазарова.
Најмногу измени има во петата избора единица, каде на новите листи не се најдоа дури осум лица чии имиња првично фигурираа. Мирјана Докоска е заменета со Билјана Настеска и сега Настеска е на третото место на листата, додека нејзиното првично петто место ќе го завземе Јован Митрески.
Се остварија и пишувањата на медиумите дека Митре Вељаноски се откажал од листите и нема да се бори за нов пратенички мандат. Еден од најекспонирани пратеници на СДСМ во последниот период е заменет со Ѓоко Танасоски, додека Дивна Ефтимовска Јовковска е заменета со Ружица Перевска.
Наташа Струмениковска се најде на 13-то место на листата во петата ИЕ на местото на Методија Илиевски, додека Валентина Аврамовска е само едно место подоле на сметка на Владимир Јовески. Билјана Лешоска се најде на листата наместо Бисера Костадиновска, додека Ристе Талески е заменет со Славица Јовчевска.
Во шестата изборна единица Небојша Билбилоски е заменет со Горан Чавдаровски, додека Светлана Петковска е на местото на Александар Мишовски.
Ваквите големи промени во кандидатските листи во СДСМ само ги потврдуваат информациите дека во партијата владее хаос, а самите откажувања на лицата кои сега се заменети ги поткрепуваат информациите дека подготовките во СДСМ не се за победа, туку подготвување на терен за преживување на сѐ поизвесниот двоен пораз.