Повеќе од 2.000 деца во Франција се бездомници

Повеќе од 2.000 деца во Франција се принудени да спијат на улица, покажуваат податоците на УНИЦЕФ Франција и Федерацијата на актери на солидарноста (ФАС).

-Неприфатливо е едно општество да се однесува на овој начин со своите деца. Многу сме загрижени што ситуацијата секоја година се влошува, трагедија е кога знаеме за погубните последици и за менталното здравје и за образованието, изјави претставничката на агенцијата на ОН во Франција, Аделин Хазан.

Таа оцени дека ваквата состојба претставува „флагрантно кршење на принципите на Меѓународната конвенција за правата на детето“, која Франција ја ратификуваше.

-Што се однесува до адолесцентите, тие се изложени на ризици од трговија со луѓе и проституција кога живеат на улица. Време е децата, особено децата бездомници, да станат приоритет на владата во Франција, рече Хазан.

Според барометарот на ФАС, најмалку 2.043 деца, од кои 467 на возраст под три години, во ноќта меѓу 19 и 20 август останеле без решение за сместување, по барање на нивното семејство, испратено на бројот 115, што е наменет за итна помош за бездомниците.

Ова е помалку од 3.000 деца регистрирани во октомври 2023 година, но е бројка без преседан за периодот пред враќање на училиште, зголемен за три отсто од август 2023 година, 27 отсто од 2022 година и 120 отсто од 2020 година.

Ова зголемување „го илустрира систематскиот неуспех на политиките за сместување и домување“, наведуваат од УНИЦЕФ и ФАС, истакнувајќи дека барометарот ги зема предвид само повиците упатени до 115, а не вклучувајќи ги децата кои живеат во сиромашни квартови или сквотови, па дури и малолетниците без придружба.