По помалку од четири месеци во Грција во вторникот повторно се регистрирани повеќе од 3.000 нови случаи, иако земјата од почетокот на ноември е во карантин.
Националната организација за јавно здравје на Грција соопшти 3.215 нови случаи од кои речиси половина се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Зголемен е бројот и на пациенти приклучени на апарати вкупно 484 лица, седум повеќе од вчера, додека, пак, починаа 46 лица.
Последен пат над 3.000 новозаразени имаше на 19-ти ноември минатата година, 12 дена по почетокот на карантинот што сè уште е во сила.
Паралелно веќе четири месеци, освен карантинот, во Грција има и полициски час, додека пак областа Атика, поширокиот регион на Атина во строг карантин е од 11 февруари, а од минатата седмица, има дополнителни ограничувања на движењата на граѓаните.
Од почетокот на пандемијата, во Грција се регистрирани 209.462 случаи на Ковид-19 и починаа 6.843 лица.