Офанзивата на израелската армија врз болницата „Ал Шифа“ во градот Газа доведе до апсење на повеќе од 350 „терористи на Хамас и Исламски џихад“, рече портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари синоќа на брифинг.
-Ова е операција со најголемиот агрегација на терористи што сме ги уапсиле од почетокот на војната. Тие се предаваат, ние ги испрашуваме и ни обезбедуваат многу вредни и важни разузнавачки информации, рече Хагари, додавајќи дека операцијата во најголемата болница во Појасот Газа продолжува.
Израелските војници во понеделникот во раните утрински часови влегоа во најголемата болница во Појасот Газа за да преземат акција против палестинската милитантна организација Хамас и нејзината инфраструктура.
Според Хагари, досега се приведени 500 осомничени, од кои, како што нагласи „358 се терористи на Хамас и Исламски џихад“.
Портпаролот рече дека меѓу заробените има тројца високи членови на терористичката организација Исламски џихад и некои високи претставници на Хамас.
Хагари истакна дека борбите продолжиле во болницата.
-Постојат терористи на Хамас и Исламски џихад кои решија да се забарикадираат – тие во моментов се барикадираат во областа на итната помош, рече тој.
Армијата претходно соопшти дека во операцијата досега се убиени двајца израелски војници, додавајќи дека повеќе од 140 милитанти биле елиминирани во областа на болницата.
Израелските сили првично влегле во болницата Ал-Шифа во средината на ноември и велат дека таму пронашле комплекс од тунели на Хамас.
Израел е под зголемени меѓународни критики поради големиот број цивилни жртви и катастрофалните услови во Појасот Газа.