Повеќето Финци за влез на земјата во НАТО без чекање на Шведска

Повеќето Финци се изјаснуваат за тоа нивната земја да влезе во НАТО без да ја чека Шведска чиешто придружување во моментов го блокира Турска, покажува анкетата објавена во четвртокот.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неделата првпат навести а во средата повтори дека турскиот парламент би можел да го ратификува договорот за пристапување на Финска но не и на Шведска, иако двете нордиски земји заеднички го започнаа пристапниот процес.

Првично во неделата финскиот министер за надворешни работи Пекка Хаависто дозволи можност за продолжување на разгледувањето на апликацијата на земјата за членство во НАТО засебно од Шведска, но потоа ја повлече изјавата и рече дека останува на првичниот план да влезе во Алијансата истовремено со соседната земја.

Анкетата што ја спровел институтот Taloustutkimus објавена во финскиот дневен весник Ilta-Sanomat покажува дека 53 отсто од испитаниците мислат дека Финска не би требало чека Шведска, доколку нејзиниот процес на ратификација продолжи подолго, на пример, поради противењето на Турција.

Само 28 отсто од Финците сметаат дека нивната земја треба да ја чека соседната Шведска за заедно да влезат во Северноатлантскиот воен сојуз, покажува анкетата која опфатила 1.021 Финец во периодот од 30-ти јануари до 1-ви февруари.

Шведска и соседната Финска по децениите тесна и континуирана воена соработка со НАТО и покрај декларативната воена неутралност, во мај минатата година под изговор за закана од Русија по почетокот на војната во Украина, побараа полноправно членство во Алијансата.

До крајот на јуни се чинеше дека спорот меѓу Анкара, од една страна, и Стокхолм и Хелсинки, од друга страна, поради поддршката на терористичките организации е надминат. Турција, Шведска и Финска на самитот на НАТО во јуни во Мадрид потпишаа меморандум, но Анкара повторно се закани со блокирање на приемот на двете нордиски земји. Стокхолм и Хелсинки со него се согласија да преземат низа потези со кои ќе ги отстранат забелешките на Турција за нивите политики кои ѝ штетат на нејзината национална безбедност. Но владите на двете земји подоцна изјавија дека не се согласиле на посебни екстрадиции и дека сите барања од Анкара ќе бидат решавани во согласност со домашното и меѓународното право.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на почетокот од последната седмица од јануари порача дека Шведска не треба повеќе да ка очекува поддршката на Анкара за нејзината кандидатура за членство во НАТО, по скандалозниот инцидент во Стокхолм кога беше запалена муслиманската света книга Куранот. Претходно во близина на турската амбасада во Стокхолм се одржа собир на кој беше запален Куранот, предводен од лидерот на данската екстремно десничарска партијата Тврд курс, Расмус Палудан. Десет дена претходно, на 11-ти јануари во Стокхолм се одржа и протестен собир за поддршка на Работничката партија на Курдистан (PKK), која од 1980-те години води сепаратистичка војна со турската држава и е ставена на листата терористички организации на Турција, но и на САД и на Европската унија. Тогаш учесниците на протестот изведоа симболично бесење на кукла со ликот на турскиот претседател Ердоган.