Повеќето членови на партијата на Меј против нејзиниот договор за брегзитот

Повеќето членови на Конзервативната партија на британската премиерка Тереза Меј се противат на нејзиниот договор за истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, покажува испитувањето објавено во петокот.

На помалку од три месеца од предвиденото истапување на Велика Британија од ЕУ, 29-ти март, премиерката Тереза Меј треба да ја добие поддршката од парламентот за нејзиниот договор, а оваа анкета би можела да ги урне надежите дека конзервативните пратеници би можеле да попуштат и да го поддржат.

Испитувањето што го спровеле од YouGov во периодот од 17-ти од 22-ри декември меѓу 1.215 членови на Конзервативната партија, покажало дека 59 отсто се против договорот на премиерката, а 38 проценти го поддржуваат. Повеќето од половината од испитаниците рекле дека овој договор не ги почитува резултатите од референдумот за брегзитот од 13-ти јуни 2016 година.

На прашањето како би гласале кога би се одржал нов референдум на кој би можеле да избираат меѓу договорот на премиерката и излегувањето од ЕУ без договор, само 29 отсто одговориле дека би го избрале овој договор, во споредба со 64 отсто кои попрво би избрале брегзит без договор.

Третата опција, односно нов референдум за членството на Велика Британија во ЕУ, само дополнително би ги зголемил поделбите, смета министерот за брегзит, Стивен Баркли. „Сегашните поделби во Британија би биле мали во споредба со тензиите коишто би ги предизвикал втор референдум. Тој уште повеќе би ја поделил нашата нација“, вели Баркли во изјавата за германскиот весник Die Welt.