Повлекувањето на Русија од „Житниот договор“ ја крена цената на пченицата во САД

Цените на пченицата остро се зголемија во понеделникот уште во првите часови откако Русија објави дека се повлекува од договорот за извозот на житарките преку Црното Море, покажуваат податоците од пазарите.

На Чикашката берза цените на пченицата пораснаа во терминските договори (фјучерси) за 3,4 отсто, на 6,84 долари за бушел. Порансале и цените на пченката, за 2 отсто, на 5,16 долари по бушел.

Поттик за растот на цените беше објавата на Русија за суспендирањето на нејзиното учество во иницијативата којашто гарантираше извоз на житарки и земјоделски ѓубрива од три украински пристаништа на Црното Море, според договорот меѓу Русија, Украина и Турција постигнат ланскиот јули со посредство на Обединетите нации.

Договорот беше склучен на 120 дена и продолжен за уште 120 дена во ноември минатата година и за уште 60 дена во март годинава. Истече денеска, а Русија повтори дека одредбите од договорот кои се однесувале на нејзиниот извоз воопшто не се испочитувани.

Москва повеќепати предупредуваше дека повеќе од 80 отсто од извозот преку црноморските пристаништа на Украина на житарки наместо во сиромашните земји во Африка се пренасочуваат и завршуваат на пазарите во земјите на Западот. Покрај тоа, сѐ уште во европските пристаништа под изговор со западните санкции повеќе од година се блокирани руски производи и земјоделски ѓубрива кои Москва без надоместоци ги подари на африканските земји.

Од почетокот на август минатата година до 10-ти јули годинава од три украински пристаништа во Црното Море извезени се 32 милиони тони житарки во 45 земји на три континента, известија Обединетите нации.

Најмногу житарки се извезени во Кина, речиси 8 милиони тони. Следат Шпанија и Турција со по 6 односно 3,2 милиони тони. Меѓу петте главни увозници се и Италија и Холандија, со 2,1 односно 2 милиона тони житари. Египет, некогаш главниот увозник на житарки, е на шестото место со увезени 1,6 милиони тони житарки.

Пченицата сочинувале околу четвртина од извозот, а пченката половина.

Парцијалното продолжување на украинскиот извоз го закочи растот на глобалните цени на храната, кои во јуни, според индексот на агенцијата на ОН за хана и земјоделство биле пониски за 11,6 отсто отколку во јули минатата 2022 година.

Договорот го гарантираше и извоз на вештачки ѓубрива, вклучително и амонјак, за да се поткрепи сигурно снабдување со храна во светот.

„Меѓутоа, ѓубривата и амонијакот до денес не се извезени во рамките на иницијативата“, стои во соопштението на ОН од 10-ти јули без да се наведат причините за тоа.

Русија, според податоците на Светската банка, е најголемиот светски извозник на ѓубрива и значаен извозник на житарки, но нејзиниот извоз го попречуваат западните санкции.

Рускиот произведувач на поташ и амониум нитрат „Уралхем“ кон крајот на мај истакна дека запленетите ѓубрива на Западот чинеле повеќе од 200 милијарди американски долари, издвојувајќи го бродот „Asian Majesty“ со 60.000 тони поташ, кој е блокиран на отворено море кај естонска Рига од март 2022 година.