Повратот на данокот на додадена вредност (ДДВ) кон граѓаните со скенирање фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ се зголемува од 1.800 на 2.100 денари за еден квартал.
Пратениците попладнево ги изгласаа законските измени со кои се зголемува лимитот, а за веста на социјалните мрежи се пофали и директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.
„Пратениците дадоа зелено светло за измените и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица. Со оваа измена се овозможува зголемување на прагот на поврат на дел од ДДВ-то од 1.800 на 2.100 денари за едно тримесечје. Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата ’Мој ДДВ‘ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари – март 2023 година“, наведе Лукаревска.
Законските измени за зголемување на лимитот поминаа на седница на Владата кон крајот на декември 2022 година, но беа „заглавени“ во Собранието.