Основните училишта во Црна Гора во петокот повторно беа евакуирани поради информации дека во голем број од овие образовни институции биле поставени бомби.
Црногорската полиција соопшти дека информациите за бомбите биле испратени на имејл адресите на 19 училишта во Подгорица, Беране, Бијело Поље, Будва, Херцег Нови и Никшиќ. Полициската управа ги презема сите мерки и дејствија во нејзина надлежност за заштита на наставниот кадар и учениците.
Црногорските медиуми објавија дека во една од дојавите се наведува дека на училишниот терен се подметнати многу бомби.
„Отсекогаш сонував за одмазда. Ќе се одмаздиме. Ќе дојдеме во училиште, ќе ги убиеме сите, никој нема да остане жив. Сè ќе крвари. Покажете го на сите нашиот текст, сакаме сите да ги знаат нашите причини, од раѓање бевме водени од омраза, земјата гореше под нас. Некој гради, луѓето како нас сѐ претовраат во пепел“, пишува меѓу другото во заканата што ја добило основно училиште во главниот град Подгорица.
Пред две седмици црногорското Министерство за образование нареди прекин на наставата во училиштата, откако на мејловите на 93 црногорски училишта пристигна заканувачки мејл за поставени бомби. Црногорската полиција подоцна соопшти дека со помош на нивните колеги од Чешка дошла до сознанија дека заканувачките пораки ги испраќал малолетник од таа земја.