Пожари во Куманово: пожарникарите интервенирале пет пати

Изминатото деноноќие било мошне напорно за кумановските пожарникари. Тие вчера интервенирале петпати поради пожари во Куманово.

Како што информираат денеска од РЦУК – Куманово, дури пет пати во текот на вчерапниот ден биле регистрирани пожари во Куманово. Во Липково гореле 20-тина хектари сува трева и мал дел нискостеблеста шума. Пожарот бил изгаснат во 20 часот.

Овој пожар час и половина го гаселе петмина пожарникари со едно противпожарно возило, петмина вработени во подрачната единица на ЈП „Македонски шуми“ и двајца вработени од Полициската станица Матејче. Екипа на „Македонски шуми“ дежурала во текот на ноќта за да спречи евентуално реактивирање на пожарот.

Во кумановското село Љубодраг, седуммина пожарникари повеќе од четири часа од 14.05 до 18.30 часот, со две противпожарни возила гаселе запалена сува трева и стрниште. Во пожарот биле зафатени и неколку пчелни семејства.

Од ТППЕ Куманово вчера интервенирале трипати и во урбана средина и гаселе пожари на запалена сува трева. Најпрвин, горела сува трева на улицата „Доне Божинов“, во Диво Насеље, на улицата „Скопска“ и последната интревеницја била на „Михајло Пупин“.

По петте изгаснати пожари во Куманово, во моментов, во тој регион нема активни пожари.

Инаку поради тропските горештини што ја зафатија земјата и поради зголемениот ризик од пожари Дирекцијата за заштита и спасување на вчерашната седница донесе повеќе заклучоци.

 

Погледнете кои се препораките од ДЗС.