Пожарот во Мариово под контрола, активни пет други

Големиот пожар во Мариово, кој беснееше изминатите осум дена, во моментов е ставен под контрола. Според инспекторот за заштита и спасување при ДЗС, Јован Аврамоски, 99 отсто од пожарот е под контрола, но екипите и натаму остануваат на терен поради евентуално повторно разгорување на жариштата, што било случај синоќа.

„Во ноќните часови се појави едно критично жариште кое се рашири кај манастирот ‘Свети Никола’ во Прилепец на околу 300 до 400 метри. Со брза интервенција во раните утрински часови, тој дел е ставен под контрола и се чува да не дојде до негово возобновување“, изјави Аврамоски.

Пожарот во Мариовско, според Аврамоски, спаѓа во категоријата катастрофални пожари. Од огнените јазици, чија линија достигна 200 километри, беа зафатени 150 000 до 200 000 хектари, главно ниска вегетација и трева.

„Не направи големи штети со шумите, изгорената трева ќе порасне. Со денови големиот број професионалци и од здруженија бранеа 10 до 15 села и објекти. Немаме зафатени црковни објекти, селата се спасени, но голема е еколошката штета, не само загадувањето, туку тешко ќе оди обновата на земјиштето“, додава инспекторот за заштита и спасување при ДЗС.

Во гаснењето на пожарот во Мариово изминатите осум дена беа вклучени над 1 200 луѓе, главно припадници на Армијата, на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), вработени во „Национални шуми“, пожарникари од повеќе градови.

Освен пожарот во Мариово, денеска до 13:30 часот под контрола се ставени уше пет пожари. Четири од пожарите кои се под контрола се на територија на општина Прилеп, и по еден во Долнени и Берово.

Активни, пак, според Центарот за управување со кризи (ЦУК), се пет пожари на територија на Прилеп, Чашка, Зелениково и Липково. Зафатени се главно сува трева, ниска и мешана шума.

До 13:30 часот изгаснат е еден пожар во прилепско.