Позитивна оценка за измените на Законот за Судски совет и Законот за судови

 

Венецијанската комисија позитивно ги оценила последните измени и дополнувања на Законот за Судски совет и Законот за судови, но се укажува и на потребата од понатамошно подобрување на текстовите на законите, велат од министерството за правда.

Во Венеција, денеска и утре се одржува 116 Пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија), на која учествува и министерка за правда, Рената Дескоска. Во рамките на сесијата Дескоска оствари повеќе состаноци со членовите на Комисијата и се обрати на Пленарната сесија на која е разгледано и усвоено Мислењето на Венецијанската комисија за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судовите.

Во ова мислење е наведено дека новите институционални аранжмани и процедурални правила се поедноставени и упростени и ја заштитуваат судската независност. Во Мислењето, истакнато е дека двата закони поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судството. Воедно, се препорачува и дополнително изменување и дополнување на законите со цел нивно појаснување, велат од министерството.

Во таа насока Венецијанската комисија препорачува во Законот за Судски совет треба да се наведе кој ја има функцијата на филтрирање во новиот систем за дисциплински постапки, треба да се допрецизира дисциплинската постапка и постапката за одговорност на судиите, да се прецизира разликата направена помеѓу нестручно и несовесно вршење на судиската функција и она што претставува сериозен дисциплински престап. Исто така Законот мора да нагласи дека разрешувањето на судија за професионална грешка е можно само ако се исполнат два предуслови: вината на засегнатиот судија (водејќи сметка за намерата на дејствието или очигледноста на небрежноста) и тежината на грешката и нејзините последици.

Венецијанска комисија препорача и укинувањето на основот за разрешување на судиите доколку се утврди повреда на Европската конвенција за човековите права. Министерката Дескоска изрази подготвеност на Владата за имплементација на сите препораки на Венецијанската комисија за подобрување на законските текстови и укажа на потребата од 2/3 мнозинство во Собранието за усвојување на понатамошните измени на Законот за судови, велат од министерството.