Познат е идентитетот на убиениот во „Дива населба“. Како што пишува „Курир“ станува збор за 71- годишниот Рахим Р. , кој претпладнево беше убиен од страна на неговиот зет во кумановската „Дива населба“.
Неговиот син, 30- годишниот Аднан се здобил со тешки повреди и тој е пренесен во кумановската болница.
Според информациите на дел од медиумите, убиецот по нападот избегал со автомобил „БМВ“. причина за убиството се семејни недоразбирања.
Полицијата се уште врши увид на лице место, по што ќе бидат познати повеќе детали.
Зетот пукал во дедото и шурата
Според првичните информации зетот пукал во таткото и братот на неговата сопруга нешто по 11, 15 часот на улицата „Тоде Мендол“ број 140.
Според неофицијалните информации, вооружениот инцидент се случил по претходна семејна расправија.
Како што пишуваат дел од медиумите сопругата на напаѓачот се вратила кај своите родители откако тој заминал на работа во Косово. Кога се вратил во кумановската населба, зетот отишол во домот на неговиот дедо и со огнено оружје пукал кон таткото и братот на сопругата.
Кумановскиот зет го убил таткото на сопругата, а тешко го повредил нејзиниот брат. Од повредите дедото починал на самото место, додека шурата е пренесен во Кумановската болница.
Од полицијата за локалниот портал Куманово Њуз потврдија дека имало пукање во населбата, но не даваат информација дали има убиени и повредени.
Кумановската „Дива населба“ беше во фокусот во мај годинава
Инаку очите на македонската и на светската јавност беа свртени кон кумановската „Дива населба“ во мај годинава кога една од најопасните терористички групи во Регионот ја запоседна населбата и уби осуммина полицајци.
По успешната полициска акција терористичката група беше разбиена, а 30-тина терористи беа фатени и уапсени од страна на полицијата.
Форензичките анализи на биолошки траги и отпечатоци потврдиле дека седуммина од терористите во кумановската Дива Населба, претходно биле меѓу напаѓачите во караулата Гошинце. Меѓу нив се и водачите Мирсад Ндрецај алијас командант Нато и Бег Ризај алијас командат Бегу кои беа убиени во Куманово како и Дем Шеху кој е во притвор.
Имињата на другите четворица кои ја напднаа и караулата, а подоцна се стационирале и подготвувале напади од Дива Населба се Адријан Бујари Реџеп Реџепи, Фејзула Рушитовски и Валдет Зекај.
Како што објавија дел од медиумите, групата која ја запоседна „Дива населба“ и уби осуммина полицајци има дебели полициски досиеја и богата криминална историја.
Ова го потврдиле податоците кои МВР ги добила преку Интерпол. Дваесет и еден од нив се гонат за 104 најразлични кривични дела од убиства до семејно насилство и киднапирање.
Според досегашната истрага рекордер со 22 кривични дела е косовскиот државјанин Валдет Зекај кој се смета одговорен и за две убиства . Зад него со 18 кривични дела е Шефкет Каљачи.
Мухамед Красничи или командант Малишева има 11 пријави од кои две убиства, трговија со дрога и нелегално оружје, киднапирање.
За Ндрецај досега се најдени само 3 кривични дела: закана, напад и телесна повреда.
Толку има и Сами Укшини, алијас командант Соколи.
Дем Шеху има 5 кривични дела од кои две ги сторил во Македонија. На оваа листа се најдоа и деветмина од македонските државјани кои учествувале во престрелката со полицијата во Куманово.