Познатата јутјуберка ќе биде водителка на Евровизија

Една од најпознатите јутјуберки на светот, холандската мејкап артистка и интернет ѕвезда Ники де Џегер, позната по јутјуб прекарот Nikkie Tutorials, ќе биде една од овогодишните водителки на Евровизија, која ќе се одржува од 12 до 16 мај во Ротердам.

Ники на 65 – тото музичко натпреварување ќе известува преку интернет канал, пишува на официјалниот сајт на ова музичко натпреварување. Таа ќе снима и посебна Јутјуб серија во бекстејџот, со музичарите кои учествуваат, а ќе известува и од црвениот килим за време на отворањето на оваа манифестација.

„Драга Ники и тоа се случи. Се сеќавам кога разговаравме за ова. Се смеевме, сонувавме и стискавме палци. А сега, ти си онлајн водител на Евровизија. Најверојатно најдобриот кој некогаш го имале. Горд сум на тебе, се гледаме во мај“ – напиша на Инстаграм минатогодишниот победник на Евровизија, Данкан Лоренс, кој ова музичко натпреварување го донесе во Холандија.

„Од моментот кога Данкан Лоренс победи во Тел Авив, имав само една желба – да се вклучам во холандското издание не Песна за Евровизија. Кога кон крајот на минатата година ми се обратија по овој повод, бев неверојатно почестена. Навистина се радувам што ќе го доживеам ова единствено искуство“ – рече Ники.

Имено, една од најпознатите јутјуберки на светот пред еден месец во видео кое го сподели на Јутјуб, ја призна својата најголема тајна – дека е трансродна личност. Ники тогаш рече дека биле уценувана, а личностите кои не сака да ги именува и се заканувале дека сите ќе ја откријат тајната која ја криела од својата 10 – годишна возраст.