Собранието денеска ги изгласа законите од петтиот антикризен пакет со кој ќе се исплатат плати за февруари и за март годинава во дел од приватниот сектор. Мерките беа изгласани со 115 гласа „за“. Гласаа и двајца пратеници заразени со коронавирус од посебни кабини и облечени во скафандери.
Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Мерките се распределени во четири столба – директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити, креирање на поволно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и поддршка за граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ по гласањето побара пратениците болни од ковид-19 веднаш да се вратат во изолација, зашто инаку ќе поднесат кривична пријава за нив и за сите кои го дозволиле нивниот влез и гласање и го прогласија гласањето за нелегитимно.
„Изолацијата од ковид-19 е задолжителна и не смее да се прекршува и прекинува, за ништо друго освен за посета на лекар. Правилата и прописите се јасни и децидни. Одговорност мора да има за сите од лицата кои ги пропуштиле да влезат во Собранието и да го загрозат здравјето на сите, до Талат Џафери, кој дозволил нивно гласање, иако тие имаат решение за изолација и не смеат да го напуштат домот и да го посетуваат работното место. Талат Џафери и СДСМ денеска покажаа дека законите за нив не значат ништо и дека ги кршат на секој чекор. Овие преседани не смеат да продолжат. Доколку ова помине, државата веднаш да им ги врати парите на сите казнети за неносење на заштитни маски, на сите кои го прекршиле полицискиот час и на сите кои потрошиле заштеди и подигале кредити за да се лекуваат низ ковид болниците“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакција по седницата.