Уставни измени нема да има и Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот, напиша на Facebook во неделата координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Најостро и најкатегорично ја отфрлам грубата манипулција и извртување на вистината која што одредени портали пред малку ја пласираа во јавноста.
Имено, станува збор за мое интервју дадено за Радио Слободна Европа, во коешто јасно и недвосмислено говорам за негаторските и асимилаторските политики и негативни последици од штетниот договор со Бугарија.
Во ова интервју многу јасно се гледа кои се моите одговори на новинарските прашања, и многу јасно се гледа и слуша дека тие целосно се извадени од контекст и пренесени во јавноста, со делумно изменета и скратена содржина.
Искрено, не би сакал да се мешам во новинарската професија, но можам да заклучам дека ваквиот проблематичен наслов е изваден од контекст и креиран од пола реченица кој асоцира на нешто друго, без притоа да се пренесе и вториот дел од реченицата, каде што велам дека ние “сме против условувњата кои доаѓаат од Договорот со Бугарија…”
Нагласувам, вакво тенденциозно и непрофесионално новинарско однесување и пренесување на моите ставови, нема да ги дозволам и прифатам. Дека се работи за оркестриран напад врз мене како пратеник и Координатор на П.Г на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, но како и врз ВМРО-ДПМНЕ, потврдува тоа што изминативе денови целата македонска јавност е сведок на паничните и очајните обиди за креирање раздор и дефокусирање на вниманието од реалните проблеми и криминали на власта.
Дополнително, порталот Радио Слободна Европа очигледно ја увиде грешката и го промени насловот на интеврјуто, но штетата од ваквото непрофесионално однесување веќе е направена, истакна Мицевски.
Токму затоа, барам овој демант во целост и веднаш да биде објавен“, додаде тој.