Во Собранието се подготвува закон за привилeгии на пратеници со којшто, според информациите, народните претставници ќе имаат право на работно место во државната администрација откако ќе им заврши пратеничкиот мандат.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска одби официјално да ја коментира иницијативата за донесување на вакво законско решение. Според Џафери, се уште се работи само за идеја и како таква не може да ја коментира.
„Кога ќе имам конкретен предлог закон тогаш ќе се изјаснам. Не можеш да коментираш нешто што е само идеја“, вели Џафери запрашан денеска околу најавениот закон.
Сепак, во неформален разговор со новинарите денеска Џафери вели дека статусот на пратениците по истекот на мандатот во други земји е решен со закон. Тој смета дека достоинството на функцијата пратеник треба да се задржи и по завршувањето на мандатот.
„Не може четири години да бил пратеник, а потоа да буричка по контејнери“ вели Џафери.
Законот го подготвува групата за реформи која произлезе од собраниското тело за помирување кое во моментов работи на повеќе од 15 закони кои до почетокот на следната година треба да бидат донесени во Собранието.
Учесниците во подготовката на ова законско решение не откриваат конкретно што ќе содржи оваа легислатива. Велат дека се уште се работи на усогласување на ставовите меѓу партии во парламентот, но и се бара и мислење од Владата. Поради ова, велат не може да откријат што точно ќе содржи овој закон и какви се привилегии ќе предвидува за народните претставници доколку биде изгласан во Собранието.
Она што е познато е дека, според законот, пратениците кои што го завршиле својот мандат може да конкурираат за работа во институциите во рамките на државната администрација и при тоа да имаат предност во однос на останатите кандидати.
Предлогот е на дел од пратениците, но и има поддршка од СДСМ и ДУИ, како парламентарно мнозинство, а позитивен став во однос на овој предлог закон има и од независните пратеници.
Темата предизвика бурни реакции од граѓаните и бројни коментари на социјални мрежи.