Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека со подобрувањето на условите во технолошки индустриските развојни зони дополнително ќе се придонесе за тоа Република Македонија да стане уште попривлечна дестинација за инвестирање на странските компании.
Измените и дополнувањата на Законот за технолошки индустриски развојни зони на 71-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија ја доби поддршката од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение интегрален текст од соопштението на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ:
Преку донесените измени на Законот за технолошки индустриски равојни зони ќе се подобрат условите за инвестирање и работа во рамките на зоните, ќе се привлече уште поголем странски и домашен капитал, ќе се зголеми конкурентноста, како и најважното, ќе се отворат нови работни места за граѓаните.
Измените и дополнувањата на овој закон ги уредуваат погодностите за инвестирање во зоните, нивните услови, начинот и постапката за основањето, развојот и работењето на технолошките индустриски развојни зони, дејностите кои се вршат во зоните, како и примената на царинските прописи во зоните.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека со подобрувањето на условите во технолошки индустриските развојни зони дополнително ќе се придонесе за тоа Република Македонија да стане уште попривлечна дестинација за инвестирање на странските компании. Сигурни сме дека позитивниот тренд на влегување на странските инвестиции во Република Македонија уште повеќе ќе се засили, а со тоа ќе продолжи зголемувањето на новоотворени работни места во нашата држава.
Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ убедени сме дека позитивните мерки и реформи кои што досега се донесени со цел привлекување на што повеќе странски инвестиции се непобитен факт кој што секој граѓанин на Република Македонија може да го види и почувствува.
Како резултат на оваа позитивна политика досега комплетно се изградени 4 технолошки индустриски развојни зони во кои веќе голем број на странски компании отворија свои капацитети и вработија илјадници граѓани. Додека пак, интензивно се градат фабрики и во технолошките индустриски развојни зони во Прилеп, Кичево, зоната во охридско – струшкиот регион, во Штип, во Кочани, во Струмица, Гевгелија. Дополнително, неодамна започна градбата и на технолошките индустриски развојни зони во Виница и Берово, а исто така најави за почеток на градба има и за технолошка индустриска развојна зона во Делчево.
Сите овие досега отворени технолошки индустриски развојни зони во кои работат голем број на странски копмании, како и зоните кои се најавени за отварање, придонесоа за остварување на забрзан развој на македонската економија и стопанство, придонесоа за рекордно намалување на невработеноста во Република Македонија, драстично зголемување на извозот од нашата држава кон странските пазари, но и дадоа огромен придонес за развој и зголемена конкурентност преку соработката со голем број на домашни компании.
Како пратеници од редовите на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ горди сме што токму ние за овие девет години постигнавме значителни и забележителни резултати во врска со привлекување на странските инвестиции и отворање на нови работни места.
Тоа се резултатите кои што граѓаните на Република Македонија досега ги препознаа и затоа континурирано ни ја даваат поддршката да бидеме нивни претставници во Собранието на Република Македонија каде што ги браниме и застапуваме нивните интереси.