Пред најавената посета на Тирана на Астрид Торс, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства, неговите политички советници остварија средба со делегација на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), пишува МИА.
На средбата од МАЕИ присуствувале, претседателот на Партијата, Едмонд Темелко, Гнералниот секретар Васил Стерјовски, потпретседателот Аднан Ќејвани, како и Дине Муча, член од Комитетот на партијата за Тирана.
На средбата станало збор за положбата и правата на Македонците во Албанија. Притоа претставниците на Македонците информираа за недостатокот на учебници на македонски јазик во општина Пустец каде официјално се признава македонското малцинство во Албанија.
Тие, исто така, се пожалите и за неможноста за изучување на македонскиот јазик на македонските деца надвор од Мала Преспа, односно во областите Гора и Голо Брдо и во градовите во Албанија.
На средбата станало збор и за новата територијална поделба од која најмногу се загрижени Македонците во Албанија.
Делегацијата на МАЕИ ги информирала политичките советници на ОБСЕ дека според сите пет варијанти за новата територијалната поделба единствено општина Пустец не се укинува додека македонските општини во Голо Брдо и Гора предвидено е да се припојат со општини со мнозинско албанско население што би значело еден процес на асимилација на македонската заедница.
Политичките советници на Високиот Комесар на ОБСЕ за националните малцинства се заблагодариле за средбата и изјавиле дека за сето ова ќе биде информирана Торс, која на крајот од јуни ќе пристигни во Албанија и ќе оствари средба со македонското и другите малцинства.