Пресудата за убиството на матурантот Ангел Петковски е укината на 30-ти септември од страна на 5-член совет на Врховниот суд, објави телевизија Телма, повикувајќи се на судски извори.
Процесот според Врховниот суд треба да се врати на почеток за да се утврдат сите процесни законски можности во врска со првото судење и со доказната постапка.
Тинејџерот Насер Ештрефи од општина Сарај беше осуден на 14 години затвор за убиството. Одбраната на осудениот тврдеше дека станува збор за самоодбрана бидејќи бил нападнат од жртвата и неговиот татко кои го бркале затоа што сакал да им украде велосипед од дворот. Судот утврди дека обвинителството нашло доволно докази за убиството и за извршителот по што ја изрече казната.
Првостепената пресуда ја потврди и Апелациониот суд, но таа падна на Врховниот суд. Никогаш не беше најдено оружјето- ножот со кое беше извршено убиството.