Прецизирани деталите за поевтина регистрација на странските возила, откако беше изгласан Законот

Собранието го изгласа Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици. Според него, сите возила кои заклучно 1 октомври 2020 година влегле на територијата на Македонија и се со странски регистарски таблички ќе можат во рок од една година да се регистрираат во земјата со намалени давачки за 50% од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи.

Законот кој стапува на сила 20 дена откако ќе биде објавен во Службен весник, по усвојување од Собранието, возилата, за кои е поднесено барањето за регистрација задолжително треба да ги исполнуваат следните услови:

– сопственикот или корисникот, односно лицето овластено за отуѓување на возилото или лицето кое ќе го купи возилото да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон;

– да влегле на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година.

Од владата веќе информираа дека постојат и други услови за да се регистрираат возилата, па така останува да важи критериумот за увоз во земјава на стари возила со стандард најмалку „ЕУРО 4“.

Воедно, лицата кои ќе сакаат да ги регистрираат возилата со македонски таблички ќе мора да ги имаат регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето на законот на сила и да поседуваат важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон.