Пред гласањето во ОН, Додик повторно отфрли дека злосторството во Сребреница е геноцид

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик во четвртокот, во пресрет на дебатата на Генералното собрание на Обединетите нации за резолуција за „ден за сеќавање на геноцидот“ во Сребреница, повторно отфрли дека тоа злосторство е геноцид и најави иницијатива за „мирно разединување“ на Босна и Херцеговина.

Додик денеска ја донесе целата влада на Република Српска во Сребреница и одржа говор во блискиот Братунац, каде ги осуди земјите кои ја предлагаат резолуцијата, имено Германија и Руанда кои и самите извршиле геноциди, и околу четириесет други кои ја спонзорираат.

Додик ги нарече лага тврдењата за геноцидот на повеќе од осум илјади Бошњаци извршен од страна на припадниците на војската и полицијата на босанските Срби, повторно тврдејќи дека бројот на убиените во Сребреница е неколкукратно помал. Тврдеше дека во Сребреница загинале „неодреден број Бошњаци“ и дека таму „од страна биле донесени четири илјади мртви тела“.

„Сиве овие години не успеаја да ја докажат таа бројка (над осум илјади жртви)“, рече Додик.

Во четвртокот попладне во Њујорк, Генералното собрание на ОН треба да гласа за предложената резолуција со која се бара прогласување на 11-ти јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Додик веднаш најави дека тоа во Република Српска нема да го почитува, и доколку биде изгласана необврзувачката резолуција на Генерелното собрание на ОН. „Нема да ни биде ден за сеќавање, бидејќи тој ден ништо не направивме“, изјави Додик.

Предлогот за резолуција за, како што твдат иницијаторите, едно од најголемите злосторства во Европа по Втората светска војна, меѓу другото, го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените за воени злосторства. За усвојување е потребно просто мнозинство во Генералното собрание, односно 97 гласови, што е веројатно.

Србија и Република Српска, во која доминираат босанските Срби, постојано признават дека станува збор за злосторство но категорично негираат дека се случил геноцид во Сребреница и се противат на усвојувањето на резолуцијата. И Белград и Бања Лука предупредуваат дека со оваа иницијатива се сака прикриено да се прогласи српскиот народ за геноциден, и сходно на тоа да биде укината Република Српска.

Против резолуцијата се очекува да гласаат десетина земји, додека неколку десетици членки на ОН се воздржани од гласање поради српската дипломатска офанзива, особено меѓу неврзаните земји.

Поднесувачите тврдат дека наводно текстот на резолуцијата никаде не ја осудува Србија или Србите и не им наметнува колективна вина за геноцид.

Во 1995 година, војниците на босанските Срби убија најмалку 8.000 Бошњаци во Сребреница, која тогаш беше под заштита на ОН. Ова злосторство беше дефинирано од страна на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија како геноцид. За ова досега во тој суд и судовите во Босна и Херцеговина се осудени над 50 лица. Масакрот во Сребреница беше прогласен за геноцид и од Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП).

Додик, од друга страна, најави дека владата на РС ќе предложи „договор за раздружување и мирно разграничување“ по усвојувањето на резолуцијата.

Според неговото толкување, денешна Босна и Херцеговина не е создадена врз основа на Дејтонскиот договор, туку со доброволно спојување на РС и Федерацијата Босна и Херцеговина, па тој договор сега треба „мирно да се распушти“.

„Ќе се обидеме да го направиме тоа во следните неколку години“, рече Додик, кој тврди дека целиот западен свет заговарал со Бошњаците со цел да се „прогласат неродените деца за геноцидни“ и да се наметне концептот на унитарна БиХ.