Пред почетокот на судењето на Додик, неговите поддржувачи го „окупираа“ Судот на БиХ

Десетици политичари од босанските Срби и членови на различни здруженија поврзани со властите на Република Српска дојдоа во средата во седиштето на Судот на Босна и Херцеговина во Сараево за да му изразат поддршка на претседателот на споменатиот ентитет во БиХ, Милорад Додик, на почеток на судењето по обвинението со кое се товари дека не ги спроведувал одлуките на високиот претставник.

Самиот Додик пристигна во Судот на БиХ придружуван од адвокатски тим, во кој советник е белградскиот адвокат Горан Петронијевиќ, познат како бранител на осудениот воен злосторник Радован Караџиќ. Улогата на правен советник во овој тим ја има и реномираниот хрватски адвокат Анто Нобило.

Пред почетокот на судењето, приврзаниците на Додик практично го блокираа влезот во судскиот комплекс, каде исто така голем број новинарски екипи го чекаа почетокот на судењето.

Миодраг Којиќ, претседател на здружението на Србите исчезнати во теткот на војната во БиХ, рече дека дошле да го поддржат Додик во конфликтот со „лажниот висок претставник“, со што ги повтори тезите што со месеци ги изнесуваат адвокатите ангажирани од страна на Додик подготвувајќи ја својата одбрана.

Тврдат дека Шмит не е легално избран висок претставник, па немал право да наметнува измени во кривичниот законик со кој на Додик ќе му се суди. Шмит е избран според пропишаната процедура на Управниот комитет на Советот за имплементација на мирот (ССМ), меѓутоа првпат од воспоставувањето на овој институт не се одржа расправата за тоа во Советот за безбедност на ОН, благодарение на ветото на Русија поддржана од Кина, кои сметаат дека нема услови поради кои би имало ново именување на високиот претставник

„Дојдовме да ги поддржиме сите институции на Република Српска и претседателот“, рече Којиќ.

Актуелниот лидер на босанските Срби беше обвинет од Обвинителството на БиХ затоа што го потпиша указот за стапување во сила на два закона што беа усвоени од парламентот на Република Српска во јуни, а потоа беа откажани од високиот претставник Кристијан Шмит. Со овие закони, Парламентот на Република Српска се обиде да го блокира спроведувањето на пресудите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, како и на одлуките на самиот висок претставник.

Заедно со Додик обвинет е и Милош Лукиќ, директорот на Службен весник на РС, кој нареди објавување на поништените закони. Доколку бидат прогласени за виновни, и двајцата се соочуваат со казна затвор од шест месеци до пет години, а осудата би значела автоматска забрана за вршење на политички функции, односно на сите раководни позиции за кои платата доаѓа од буџетот.

Судењето ќе го води судијата Мирсад Стрика, кој во вторникот го осуди поранешниот министер за одбрана на БиХ, Селмо Цикотиќ на три години затвор, прогласувајќи го за виновен за злоупотреба на службената положба и овластување со која во поволна позиција довел хрватска компанија.

Одбраната на Додик претходно побара судењето да му биде предадено на локалниот суд во Бања Лука, тврдејќи дека не можат да сметаат на непристрасноста на судијата во Сараево.

Малку подоцна Додик пред зградата на Судот на БиХ бјасни и зошто е откажано рочиштето, односно главниот претрес.

„Ова е политички процес. Законот ни даде право да бараме поместување на судењето. Судскиот совет рече дека го одбил нашето барање и ни рекоа дека имаме три дена да се жалиме. Тоа истекува во понеделник и ние ќе се жалиме. Потоа на крајот на работниот ден, ако е потребно. Ова повеќе докажува за слабостите на системот отколку за каква и да е грешка од моја страна. Дискусијата не ни започна бидејќи мојот тим поднесе барање за преместување на судењето. Судијата беше фер и ги почитуваше фактите“, рече Додик и ги прозва Кристијан Шмит и амбасадорот на САД, Мајкл Марфи, нарекувајќи ги „смрдеа“ и „кретен“.

Рече дека тоа се луѓе надвор од системот на БиХ.

„Никој во Република Српска тоа не го користи или чита, ако од него има полза. Станува збор за луѓе надвор од системот кои се обидуваат да се наметнат над легално избраните тела на ниво на БиХ. Тие го сквернават сево ова и не дозволуваат никој да помисли дека процесот и нашето доаѓање претставуваат признавање на таков неуставен и незаконски процес и колонијално однесување“, посочува Додик.

Рече и дека оваа земја им припаѓа на сите граѓани.

„Република Српска е во уставниот поредок на БиХ и ние се согласуваме со уставниот поредок на БиХ. Не се согласуваме со Шмит. Ако нѐ тераат, ќе нѐ истераат од БиХ. Не можете да најдете такво однесување, тоа Шмит го менува законот со одлука и води до судски процес, каде и да е во светот. Ако некој мисли дека ова е правно исправен процес, тој е во голема заблуда. РС нема да прифати да биде дел од колонијата што ја прифаќаат овде во ФБиХ Колонијалната администрација одамна ја нема“, рече претседателот на Република Српска.

На крајот, тој рече дека претставниците на ентитетот имаат докази дека претставници на американската амбасада во Босна и Херцеговина го посетуваат Обвинителството на БиХ и сугерираат во која насока треба да се движат случаите.

„Огромната зависност од високиот претставник не ѝ носи ништо добро на БиХ или на никого. Американските претставници го посетуваат Обвинителството и даваат сугестии што треба да се направи. Имаме докази за тоа. Имаме луѓе кои сме ги документирале. Сè во свое време. На јавноста ќе ѝ порачам: Не се играјте со Република Српска. Не го прифаќаме Шмит, не го прифаќаме однесувањето на амбасадорот Марфи. Не прифаќаме Босна и Херцеговина надвор од уставот. Никому ништо не наметнуваме“, заклучи Додик.