Ваква оценка за состојбата со здравствената заштита на лицата со хендикеп денеска изнесоа Фондацијата за одржлив економски развој Преда плус и Здружението на студенти и младинци со хендикеп, врз основа на информациите со кои располагаат како спроведувачи на проектот „Градење на капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија”, финансиран од Европската унија.
Земајќи го предвид фактот дека постои група на лица со хендикеп кои се работо неспособни, дека се уште се справуваме со проблем на мал број компании кои сакаат да вработат лице со хендикеп и поради тоа оваа категорија на граѓани не е во можност да се стекне со здравствено осигурување по навршувањето 26 години очигледна е потребата од ревидирање на Законот за здравствено осигурување и обезбедување бесплатни здравствени услуги за лицата со хендикеп, се вели во соопштението од Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус и Здружението на студенти и младинци со хендикеп од Скопје.
Како што истакнуваат, на 30 март 2007 година Македонија ја потпиша Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, а ја ратификуваше на 5 декември 2011 година. До јануари 2011 година ја ратификувале 97 држави.
Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, претставува прв меѓународно правен и обврзувачки инструмент преку кој се утврдуваат минимум стандарди за правата на лицата со посебни потреби. Целите на Конвенцијата произлегуваат од осум приоритетни области, од кои под реден број седум е здравството: еднаков пристап до здравствени услуги и сродни здравствени установи за лица со посебни потреби. Согласно со Конвенцијата се гарантира правото за сестрана и еднаква здравствена заштита со еднаков квалитет за лицата со посебни потреби, и се регулира правото за највисок достапен стандард во здравството без дискриминација врз основа на попреченост, се вели во соопштението.