Предлог измени до Собранието за префрлање избирачки места од ИЕ6 во ИЕ5 и наведување етничка припадност во личните карти

Попладнево, додека трае собраниската расправа за законот за јавно обвинителство, Парламентот го дополни дневниот ред на 136. седница која требаше да се одржи денеска во 15 часот и на чиј дневен ред е разрешувањето на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.

На седницата првично беа само две точки, разрешувањето на Мизрахи и Предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, но според собранискиот информатор, пратениците ќе треба да расправаат и по Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка, поднесен од Јован Митрески, Ејуп Алими и Никола Мицевски, како и по Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта во прво читање, поднесен од Јован Митрески, Фадил Зендели, Теута Биљали, Мухамед Зекири и Мирослав Јовановиќ.

Според предлог-измените на Изборниот законик, одредени избирачки места од општините Дебар, Крушево, Маврово и Ростуша се бришат од Изборната единица 6 и се додаваат кон Изборната единица 5. Станува збор за избирачките места од 0477 до 0477, од 0477/1 до 0477/1, од 0543 до 0548, од 0544/1 до 0544/1, од 0547/1 до 0547/1 и од 0555 до 0556 во Општина Дебар, избирачките места од 1187/1 до 1187/1 во општина Крушево, како и избирачките места од 0463 до 0476, од 0464/1 до 0465/1, 0470/1 до 0470/1, од 0473/1 до 0474/1, од 0478 до 0479 и од 0481 до 0498 во општина Маврово и Ростуша.

Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта, пак, предвидува во образецот за лична карта да стои и податокот за етничка припадност, покрај податоците за презиме и име на граѓанинот, државјанство, пол, датум на раѓање, матичен број, датум на издавање и важење на личната карта, место на раѓање, живеалиште и адреса, надлежен орган кој ја издал личната карта, број на личната карта и потпис на имателот на личната карта.

-Од причина што сметаме дека припадниците на етничките заедници согласно со Уставот на Република Северна Македонија, имаат право да ја искажат својата етничка припадност, предлагаме во член 5 став 2 покрај другите податоци да биде предвидена и „етничката припадност“, стои во образложението на предлог-текстот.

Седницата 136., според писменото известување од претседателот на Собранието Талат Џафери, наместо во 15 часот, ќе почне по завршување на претресот на законот за ЈО кој е прва точка на 135. седница и кој се уште трае.

За в недела напладне, пак, е закажана 137. седница на која и официјално се очекува Собранието да биде распуштено.