Гордост е да се знае дека македонскиот јазик, културата и историја добиваат признанија и промоции насекаде низ светот, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Предложената резолуција во американскиот Сенат, министерката посочува дека е резултат на пристапот на Македонците каде било во светот да учествуваат и бидат конструктивни градители на државите кои ги избрале за да го изградат својот дом.
-Предложената резолуција на републиканскиот сенатор Мајк Брон за септември да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство е огромна чест и признание за придонесот на македонските Американци во развојот на мултикултурното општество на САД, напиша во објава на својот Фејсбук профил Костадиновска Стојчевска.
Таа додава дека македонските Американци ги прифатели слободите на американското општество и се интегрирале во сферите на уметноста, науката, бизнисот, политиката, медицината, спортот и на други полиња како резултат на можностите да се биде рамноправен дел и да се учествува во остварувањето на граѓанските и верските слободи, основните човекови права за да се даде сопствениот придонес во развојот на заедницата.
-Денес тоа е модел кој го избра и кон чие усовршување се стреми и нивната матична земја и татковина како општество во кое секој ја заслужува својата шанса, напиша министерката Костадиновска Стојчевска.
По иницијативата на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон пред Сенатот предложи резолуција во која се бара во септември оваа година да се слават македонскиот јазик, историјата и културата на македонските Американци. Брон е единствен сенатор кој е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот. Резолуцијата прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.