После синоќешните врнежи зголемен е водостојот на повеќето реки низ земјава, а кај дел од нив има и значително високи водостои. Според најновите информации од хидролошките станици, зголемен е водостојот на реката Треска, кој се очекува и натаму да продолжи да расте, така што предупредуваме на можни локални излевања во тој речен слив, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
„Исто така зголемен е и водостојот на Пчиња кај Катлановска Бања и предупредуваме на можност од локални излевања на Пчиња, вклучително и на нејзините притоките (Кумановска и Крива) и суводолиците во тој слив. Зголемен е и водостојот на Црна Река во Новаци кој се очекува и понатаму да продолжи да расте и постои можност од локални излевања на нејзините помали притоки и суводолици. Константно е висок водостојот на Радика, Сатеска и на останатите реки во западниот дел од земјата, каде останува опасноста од нивно излевање“, посочуваат од УХМР.
Во вечерните часови и за време на ноќта се најавуваат нови врнежи. Можност од локални излевања, според УХМР, за време на ноќта има и во сливот на реката Црн Дрим, Кичевскиот регион, Тетовско-Гостиварскиот регион и Полошката котлина.
Од УХМР предупредуваат на крајно претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава поради опасност од нивно излевање.