Правната држава не постои, институциите се инертни и неефикасни, локалната самоуправа е заспана. Моторот работи во место и се прегрева, потребни се нови предвремени избори и нова сила која ќе го придвижи општеството и ќе го тргне настрана од уште поголемиот колапс кој се насетува, вели Јовановски во интервју за НетПрес.
1. Август вообичаено е затишје на политичката сцена, според вас која ќе е клучната тема есенва?
Предвремени избори! Граѓаните се уморни од нереализирани ветувања, од нефункционални институции, непостоење на владеење на правото, зависниот судски систем, задолжувањата на државата, состојбите во земјоделството, уморни се од зачестените афери и скандали од политичките фигури кои премногу говорат, а речиси ништо не одработуваат.
Граѓаните се уморни да слушаат работи во кои не веруваат дури и оние кои ги кажуваат, уморни се да гледаат како лесно се игра и манипулира со достоинството, историјата и националните вредности кои го красат и идентификуваат секој еден етнос. Граѓаните се уморни од разочарувањата од секое ветување кое им дава надеж дека сепак има нешто убаво и пријатно во блиската иднина… нешто позитивно кое ќе им даде надеж дека нивните поколенија ќе имаат нормален живот…
Од мандатот на непобедниците кои формираа влада на последните парламентарни избори во 2016 година остана уште една четвртина, а сепак се добива впечаток дека сме заглавени во времето и просторот при што работите околу нас стануваат се понеподносливи. Околностите во кои живееме веќе не наликуваат како во земја во Европа, ниту пак односите во неа. Ветувања, ветувања… народот, за жал, до некаде поверува, но сепак не требаше многу време да увиди дека нема ништо од очекувањата.
Предвремените избори се можност да се избере и даде на знаење дека во Македонија ќе владее правото, ќе функционира независниот судски систем, институциите ќе работат максимално ефикасно согласно законите, ќе се одработи во делот на реформите со цел атлантско и европско интегрирање, создавајќи услови за достоинствен и удобен живот на македонските граѓани во сопствената земја.
2. Како ја коментирате целокупната ситуација во Македонија, долга дебата за законот за јавно обвинителство, името на специјалната обвинителка се споменува во контекст на случајот „Рекет“…
Специјалното јавно обвинителство е неуставен проект како производ на политички договор со одреден период на траење, кој измина, донесен во специфични околности и со многу фактори. Ова обвинителство (не)работеше во (не)соработка со (не)надлежните институции врз основа на незаконски стекнати материјали во прекршени процедури и изминати рокови.
Како што беше донесено, така и завршува, без кредибилитет, со многу шпекулации, со вмешани фигури за чии активности има оскудни информации, а за кои дознаваме од социјалните мрежи и електронските медиуми во форма на прашања и претпоставки, наместо навремени официјални пресови и изјави на надлежни институции и овластени лица.
За жал, повторно под специфични околности, после целата наметната историја за овој проект, станува неизбежно во Собранието сеуште да се дебатира за закон кој би го вклучил ова неуставно обвинителство во рамките на Обвинителството, што понатаму потенцијално би го комплицирало работењето на судската власт. Имено, во Македонија има уставно и законски утврден судски концепт кој треба независно да функционира, со строго утврдени надлежности, постапки, рокови и субјекти, почитувајќи ја презумпцијата на невиност. Независноста, а со тоа и неселективноста, треба да биде за секого и во секое време еднаква за сите, без разлика дали станува збор за функционер, работник, противник или подржувач на власта како политички (не) определен граѓанин.
3. Предвремените парламентарни избори ги споменавте како главна тема за есенва. Дали тие се клуч за излез од ситуацијата?
После се она што се случи во изминатите години, неопходни се предвремени избори.
Бевме сведоци на повеќекратно кршење на Уставот и законите од страна на највисоките државни институции и функционери, се случува континуирано задолжување на државата и никаков економски раст, мораториум на домашни и странски инвестиции а истовремено се пласираат информации за најуспешни години, се најавуваат мегаломански предвидувања за влез на капитал… А, досега не можам да се сетам на ново звучно име во производните капацитети. Има само огромен пад во градежништвото во однос на капитални инвестиции, ограбување на банки, па дури и наплатни патни станици, бркотници и групни пресметки низ центарот на главниот град со огнено оружје, изјави и ветувања кои се менуваат понекогаш и на дневна основа… Ги нема зголемените плати во здравството и останатите области, просечната плата е далеку од онаа која се ветуваше на последните парламентарни избори, медиумите се прполни со афери, корупција, нов клинички центар…. може да се реди до бескрај…
Правната држава не постои, институциите се инертни и неефикасни, локалната самоуправа е заспана. Моторот работи во место и се прегрева, потребни се нови предвремени избори и нова сила која ќе го придвижи општеството и ќе го тргне настрана од уште поголемиот колапс кој се насетува. Македонските граѓани заслужуваат достоинствен живот и услови кои ќе им овозможат на младите нормално да живеат со своите семејства во својата татковина.
4. Освен оваа дневна политика, од голема важност е и општествената политика, па вашето мислење и за другите области. Вие сте кошаркар, поранешен репрезентативец како гледате на ситуацијата во спортот, колку работат надлежните пред се на вклученоста на младите во спортот?
Спортските клубови го реализираат своето право да се здружуваат во национални спортски федерации, кои генерално не даваат задоволителни резултати во однос на она кое се вложува во спортот, имајќи предвид дека нивните управни одбори се задолжени да обезбедуваат финансиски средства и менаџираат со истите, дополнително добивајќи средства и од државниот буџет, задржувајќи го правото на независност во своето функционирање.
Имено, односот меѓу државниот орган на управата од областа на спортот и федерациите исклучиво се состои во финансиската помош која ја дава државата врз основа на одреден буџет и најмногу од финансискиот прилив кој се добива благодарејќи на неколкуте законски мерки донесени во 2016 година. И покрај тоа, за жал, мал е бројот на проекти во кругот на работата на спортските субјекти кои би придонеле во подобрувањето на условите на натпреварувањата, работата со млади категории, едукација на стручен спортски и медицински кадар, подобрување на стандардот на спортската медицина, никакви вложувања во рекреативниот спорт, без соработка со единиците на локалната самоуправа.
Недостасува меѓусебна комуникација и соработка со цел донесување на заедничка стартегија за подигнување на свеста и вклучување во спортот и спортските активности, стратегија за континуирано вложување во спортската инфраструктура и нејзино одржување, како и зголемување на масовноста во спортот и рекреативниот спорт.
Младите треба да бидат центар на стратегијата, да бидат вклучени во проекти, да бидат носители на проекти. Соработката меѓу субјектите во спортот мора да се заснова врз потребите најмногу на младите, реализирана во младинските спортски школи како основа за професионален и врвен спорт, создавање на нови спортски кадри кои ќе ги следат светските спортски и медицински трендови и ќе ги аплицираат истите. Соработка мора да има и во образовниот систем, во однос на реализација на наставниот план и програма, што воедно е и запознавање и воведување во спортски активности кај децата од најмала возраст, со определен бенефит во рамки на примарната здравствена заштита.
Во однос на професионалните спортски клубови од екипните спортови, се забележува незадоволително ефикасен менаџмент, имајќи предвид дека клубовите се во сопственост на општините, со неколку исклучоци, а кадарот се именува од страна на локалната власт, најчесто субјективно. Тоа е неприфатливо. Професионални клубови мораат да имаат компетентни управни тела и менаџмент, впрочем како и во секоја друга бранша.
5. Се најавуваа и неколку проекти во областа на спортот…
Да, своевремено од власта беше најавуван Дом на спортовите, Олимписки дом, во јавноста беа пласирани разработки на планови за изградба на олимписки и мини базени, со димензии за детски градинки, а чија цена повеќекратно растеше со времето, но ништо од тоа, вообичаено.
6. Бевте кандидат за градоначалник на општина Центар, неодамна имаше информација дека паркингот кај Дом на градежници за еден час ќе чини 250 денари. Можеби за паркинг во строг центар треба висока цена, но колку ова е реална цена за наши услови?
Високата цена на паркингот не го решава проблемот. Паркирањето е секојдневна потреба, а не луксуз, и не само во Центар, туку и во многу други општини паркирањето е вистинска тешкотија за граѓаните. Засега, на веќе половина изминат мандат на локалната власт, не гледаме создавање нови услови за полесно одвивање на сообраќајот.
Се заборавија ветените и најавувани катни и монтажни гаражи, ослободувања на тротоари, подобрувања и растеретување на сообраќајните тесни грла, ги нема пешачките и велосипедските патеки, зголемувањето на протокот на возила и паркинг места. Наместо тоа, се зголемуваат цените на паркинг просторите, па во даден момент тоа ќе биде привилегија само за мал дел од граѓаните, наместо највениот бесплатен паркинг за Центарци.
Ако на ова го додеме и заборавањето на новото зеленило и тивката сеча на дрвја кои се нашле на погрешно место во погрешно време, а за која воопшто не се дига глас, потоа комунална обнова во однос на складирање на сметот која не ја видовме, парцијалните поправки на одредени делници, неизградените и нереконструираните училишта и спортски сали, незаузданата музика по локалите, тогаш може да се праша: Дали слободно се движиме, дишеме чист воздух, уживаме ли во зеленилото и хигиената, употребуваме ли нови патеки за рекреирање или шетање со нашето семејство, заспиваме ли лесно, дали ни се допадна она што беше ветено и неостварено? Каде е функционалноста на општинските власти?