Преглед Бундеслига: Баерн преку Штутгарт се врати на врвот

Фудбалерите на минхенски Баерн се вратија на врвот на Бундеслигата откако во саботата во рамките на 23-то коло на гости го совлада Штутгарт со 2:1, што им е важно пред средбата со ПСЖ во Лигата на шампионите во среда.

За Баварците стрелци беа Матијас де Лихт во 39 и Ерик Максим Чупо-Мотинг во 62 минута, а за Штутгарт почесниот погодок во 88 минута го постигна Хуан Хозе Переа.

Баерн, десеткратниот последователен првак, во моментов е на првото место со 49 бодови, колку што има и Борусија Дортмунд, која во петокот со 2:1 победи во дербито со РБ Лајпциг но тимот од Минхен има далеку подобра гол-разлика. РБ Лајпциг е четврти со 42 бодови.

Штутгарт, пак, 15-ти на последното место кое гарантира опстанок со 19 но и трите екипи коишто го следат – Хофенхајм, Шалке ои Бохум имаат ист број бодови.

Унион Берлин пропушти можност да му се приближи бодовно на водечкиот двоец одигрувајќи дома без голови со Келн. Унион остана третопласиран со 44 бодови, а Келн 12-ти со 27 бодови.

Без голови заврши и дуелот на Борусија Менхенгладбах и Фрајбург, во кој единствено вредно за одбележување е црвениот картон кој во 87 минута му беше доделен на Рами Бенсебаини. Борусија Менхенгладбах со 30 бодови е деветта, а Фрајбург се одржа на петтото место со 42 бодови и моментално го држи местото кое следната сезона води во Лига Европа.

Аугсбург дома со 2:1 го совлада Вердер. Домашните поведоа рано во 5 минута преку Дион Дрена Бељо, а гостите израмнија во 16 минута преку Јенс Стаге. Но Аугсбург дојде до ново водство повторни на самиот почеток од вториот дел во 46 минута со голот на Арне Мајер а до крајот резултатот веќе не се менуваше. Вердер остана 10-ти со 30 бодови, а Аугсбург на 13-то со 27 бодови.

Мајнц со голот на Леандро Бареиро во 33 минута пред својата публика го победи Хофенхајм. Мајнц сега е седми со 35 бодови, три помалку од шестиот Ајнтрахт кој го држи последното место кое води во европските натпреварувања, но тимот од Франкфурт има и меч помалку. Хофенхајм, пак, со 19-те бодови е на 16-то место од кое се игра квалификации за опстанок во лигата.

Шалке 04 оствари важна победа во борбата за опстанок на гостински терен со 2:0 совладувајќи го директниот конкурент Бохум. Гостите до водството дојдоа со автоголот на Мануел Риеман во последната минута од првиот дел, а победата ја потврди Мариус Бултер во 79 минута. Шалке сега му го предаде последното место на табелата на Бохум, бидејќи се израмни со него по бодовите 19, но има подобра гол разлика.

Во недела во 15,30 започнува дуелот Баер Леверкузен – Херта а во 17,30 часот мечот Волфсбург – Ајнтрахт Франкфурт.