Фудбалерите на РБ Лајпциг го победија Баерн со 3:1 на гостувањето во Минхен во натпреварот од 33=то коло на германската Бундес лига и на тој начин ѝ овозможија на Борусија Дортмунд да стави крај на десетгодишната доминација на Баварците со две победи во последните две кола.
Баерн поведе со голот на Серж Гнабри во 25 минута, но гостите од Лајпциг направија голем пресврт во вториот дел. Конрад Лајмер прв погоди за 1:1 во 65 минута, а гостите победија со голови од пенал. Во 76 минута успешен изведувач беше Кристофер Нкунку, а десет минути подоцна Зомер од белата точка го совлада и Доминик Шобошлаи за конечните 3:1.
За 11-та титула во низа, Баварците сѐ уште имаат надежи, доколку дортмунска Борусија киксира в недела на гостувањето во Аугсбург или во последното коло, кога на својот стадион ќе го пречека Мајнц. Баварците во последното коло ќе гостуваат во Келн.
РБ Лајпциг со победата на „Алијанц Арена“ обезбеди пласман во Лигата на шампионите за следната сезона, бидејќи со 63 бода е недостижен за Унион Берлин и Аугсбург кои имаат по 59 бода. Тимот кој ќе биде поуспешен во последното коло ќе биде четвртиот германски претставник во Лигата на шампионите, а тимот од Берлин има подобра гол-разлика за четири гола.
Унион во последното коло ќе му гостува на Вердер, а Фрајбург во Франкфурт ќе гостува кај Ајнтрахт.