Преглед на ситуацијата со Covid-19 во Европа: Пусти улиците на градовите во Франција, нови мерки и во други држави

Улиците на Париз и уште осум француски градови во саботата вечерта останаа пусти откако на сила стапи полицискиот час поради ширењето на коронавирусот, а нови мерки воедуваат и другите држави во Европа.

Целта на контроверзните мерки е борба против ширењето на коронавирусот во Франција, едно од најголемите жаришта на заразата во Европа. Француското министерство за здравство во саботата извести за 32.427 нови случаи на коронаинфекции, откако во петокот беа регистрирани 25.086 случаи. Севкупниот број на заразените од почетокот на епидемијата на коронавирусот во Феранција сега изнесува 867.197, со 33.392 смртни исходи, со новите 90 потврдени од петокот.

Полицискиот час кој секојдневно ќе биде на сила еден месец во Франција се однесува на околу 20 милиони жители во градовите Париз, Марсеј, Лион, Лил и Тулуз. Полицискиот час трае од 21 часот навечер до 6 часот наутро. Претседателот Макрон истакнува дека целта на мерките е намалување на ризикот од преголемиот притисок врз болничкиот систем. Но, многумина се загрижени какви ќе бидат економските последици од оваа одлука, и предупредуваат дека е сигурно оти тие ќе доведат до губење на работните места.

А во екот на епидемијата во Париз во саботата вечерта се одржа непријавен протест против новите ограничувања за време на полициски час што стапи во сила вчера во главниот град на Франција. Околу стотина учесници во протестот извикуваа „Слобода, слобода“ и фрлаа корпи за отпадоци на улица, а по триесетина минути полицијата успеала да ги принуди насобраните да се разотидат.

А во недела ќе се одржат протести во спомен на професорот по историја Самуел Пати убиен во петокот попладнето поради тоа што на улиците зборувајќи им за слободата на говорот им прикажал карикатури на пророкот Мухамед. Професорот беше обезглевен среде бел ден на улица пред гимназијата од негов 18-годишен ученик, кој потоа беше смртно застрелан од полицијата. Во недела во 15 часот на улиците на француските градови против ова злосторство ќе протестираат челници на политички партии, здруженија и синдикатите.

 

Во Европа се најавуваат нови мерки

Нови мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот се најавени во Италија којашто во саботата забележа рекорден број на новозаразените. Премиерот Џузепе Конте ќе ги објави подоцна во неделата, а италијанските медиуми тврдат дека ќе биде забранета работата на фитнес центрите и базените, како и аматерските спортски настани.

Словачкиот премиер Игор Матович најави дека неговата држава ќе го тестира секој жител постар од 10 години. Владата во Братислава претходно месецов прогласи вонредна состокба, а оваа седмица воведе нови рестрикции кои вклучуваат и забрани за масовни случувања и литургии, затворање на салите за вежбање и базените, како и префрлање на училишната настава на далечина.

Тестирњето ќе биде бесплатно, најави Матович, но не откри дали тоа ќе биде доброволно или задолжително. Словачка има 5,4 милиони жители, заразени досега вкупно имала околи 28.000, а починале само 82 лица.

Поради новите мерки, во саботата демонстранти ги нападнаа канцелариите на словачката влада. Според медиумите, околу 500 „неонацисти и хулигани“ фрлале шишиња и камења.

Во Германија канцеларката Ангела Меркел ги повика сонародниците што повеќе и подолго да остануваат во своите домови и да ги намалат меѓусебните контакти.

„Мораме да сториме сѐ што можеме за да спречиме ширењето на вирусот да излезе од контрола. Секој ден е важен. Среќавајте се со помалку луѓе, дома или надвор. Ве молам да го одложите секое патување кое не е апсолутно неопходно, сите собири кои не се од апсолутна важност. Останете дома што повеќе можете“, рече Меркел иако експертите предупредуваат дека социјалното затворање предизвикува низа други психолошки и здравствени проблеми кај луѓето.

Бројот на новозаразените во Германија се зголему за уште 5.587 луѓе, или севкупно од почетокот на епидемијата во земјата се регистрирани 361.974 случаи, според податоците на Институтот „Роберт Кох“.

Полска оваа седмица воведе „црвени зони“ во кои се затвораат училиштата и фитнес салоните, вклучително и во престолнината Варшава.

Португалија забрани собирања на повеќе од пет луѓе. На венчавките и крштевките смее да има најмногу до 50 гости, а другите видови собири и забави се забранети.

Во Холандија од 14-ти октомври се затворени сите кафулиња и ресторани, освен за работа со доставување. Домаќинствата може да имаат само три гости дневно. Сличните мерки се донесени и во Белгија, кога од понеделникот на четири седмици ги затвора баровите и рестораните.

Русија во неделата забележа 15.099 нови случаи и сега има вкупно речиси 1.4 милиони заразени од почетокот на епидемијата. Во последните 24 часа починале 185 луѓе, па вкупниот број смртни случаи поврзани со Covid-19 се зголеми на 24.187.
.