Преговорите за ослободување на заложниците со Хамас ќе траат долго

Неодамнешните извештаи дека Израел и Хамас начелно се согласиле за прекин на огнот се неточни и таков договор, кој би вклучувал ослободување на израелските заложници кои ги држела терористичката група, сè уште е далеку, изјавил израелски политички функционер за Ynet.

„Има огромни разлики и нема напредок во разговорите. Тоа е многу комплицирано, а Хамас продолжува да го зацврстува својот став. Никој не треба да има илузии – ова ќе потрае многу подолго“, вели изворот.

Разни светски медиуми објавија детали за тековните преговори со Хамас, кои се водат со посредство на Катар, Египет и Америка. Се посочува дека преговорите се со висок интензитет, иако сѐ уште не е постигнат пробив и дека во првата фаза треба да се ослободат децата и жените кои се во заробеништво.

Ројтерс објави дека Израел и Хамас во принцип се согласуваат дека размената на израелски заложници за палестински затвореници може да се случи за време на едномесечниот прекин на огнот, но рамковниот план не е усогласен поради разликите на двете страни, за тоа како да се стави крај на војната во Газа.

Интензивните напори за посредување предводени од Катар, Вашингтон и Египет во последните недели се фокусираа на фазен пристап за ослободување на различни категории израелски заложници – почнувајќи од цивили и завршувајќи со војници – во замена за прекин во непријателствата, ослободување на палестински затвореници и многу повеќе помош за Газа.