Преговорите меѓу работните групи на Владата и ВМРО ДПМНЕ за предлог законот за јавно обвинителство се ставени на пауза поради летните одмори. Според последните информации, напорите да се усогласат ставовите на власта и опозицијата пред се’ за иднината на Специјалното јавно обвинителство ќе продолжат на 19-ти август.
Предлог законот се наметна како услов за добивање позитивна одлука за почеток на преговорите со Европската Унија. Оттаму, власта е под притисок до средината на септември да го истурка законското решение во Собранието.
Власта кон крајот на минатиот месец до парламентот го достави предлогот за закон и ги повика ВМРО ДПМНЕ да гласаат за него. А, вчера Заев најави дека ќе направи притисок врз опозицијата да ги поддржи реформите, денеска одговори лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Претседателот на опозициската партија вели Заев не е во позиција да поставува услови, ниту да диктира темпо. Мицкоски е дециден дека опозицијата нема да го поддржи предлогот во форма како што сега е доставен до Собранието.
„Но, да сме јасни, јас и ВМРО-ДПМНЕ не можеме да поддржиме закон кој има единствена цел, амнестија на криминалот на Заеви и пресметка со политичките противници од опозицијата. Се согласувам апсолутно со тврдењето дека имплементцијата на правдата зависи од ВМРО-ДПМНЕ, добро е што и Зоран Заев и неговите обожаватели сфатија дека за неколку месеци од сега реалноста ќе биде поинаква во Република Македонија. Со други зборови, Заев не е во состојба да наметнува услови, ниту да диктира темпо, а правдата е потребна затоа што тој и неговите луѓе носат неправда“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук одговарајќи на видео обраќање на Заев.
Три клучни разлики допрва ќе се надминуваат
Опозицијата силно се противи на предлогот на власта целокупното СЈО без било какви проверки или селекција да се интегрира во Обвинителството за организиран криминал и да се формира ново обвинителство кое би се именувало како Обвинителство за организиран криминал и висока корупција.
ВМРО ДПМНЕ смета дека сите обвинители од СЈО треба да бидат вратени во обвинителствата каде претходно работеле, а потоа да биде распишан оглас за новото обвинителство каде што би можеле да се пријават и да бидат избран во строг процес на селекција.
Тимот на опозицијата не се согласува и со член во предлогот со којшто Катица Јанева по заминувањето од СЈО автоматски би била вработена во републичкото јавно обвинителство.
Кој ќе ги води предметите на СЈО исто така е камен на спомнување. СДСМ предлага истите обвинители од СЈО да продолжат да работат на нив. Опозицијата бара сите предмети да му се предадат на државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски и тој согласно надлежностите да ги распредели по обвинителствата.
ВМРО ДПМНЕ инсистира на почитување на законската регулатива и смета дека сите истраги на СЈО отворени по истекот на законскиот рок од 18 месеци да се прекинат, што пак не е прифатливо за власта која смета дека клучни случаи и доказ на тој начин би биле отфрлени и би останале неказнети.