Прекинат бојкотот во ОУ „Љубен Лапе“

Совет на родители на ООУ Љубен Лапе преку соопштение информираа за прекинување на бојкотот во училиштето.

-Како и во целиот изминат период до сега, сакаме отворено, отчетно и транспарентно да Ве известиме дека бојкотот на часовите по математика во шестите одделенија во ООУ Љубен Лапе – Скопје, од вторникот е официјално прекинат.

Имено, причината за прекинот на бојкотот е отпочнување на разрешување на целиот случај со наставничката по сите наши вложени напори за нашите ученици.

Како што сме информирани обезбеден е заменски наставник по предметот математика од друго училиште, а во врска со проблемот со претходната наставничка Анета Костоска, училиштето презема активности и постапува согласно дадени насоки од Државниот просветен инспекторат (по поднесени пријави од родители и од Советот на родители) и оттука за било какви детални податоци во однос на целиот случај да ги обезбедите преку раководството и стручните соработници на училиштето.

Би сакале да ја искористиме оваа можност искрено на сите медиуми да се заблагодариме за поддршката и интересот за нашиот проблем, во однос на објективно, транспарентно и непристрасно информирање на јавноста. Убедени сме дека без Вас, ќе беше отежната нашата „битка“ за разрешување на овој долгогодишен и континуиран проблем
со кој се соочуваа родителите и учениците.

Изразуваме длабока благодарност до родителите на шестите одделенија за нивната истрајност и до родителите чии сведоштва од изминатите години помогнаа јавноста да добие реална слика за проблемите во училиштето.

Истовремено, ги охрабруваме и родителите и наставниците редовно да ги пријавуваат сите девијантни појави кои се сѐ повеќе присутни во училиштата, а ние како Совет на родители нема да останеме неми на ниту еден проблем кој ги засегнува учениците, наставниците или родителите од нашето училиште.

Советот на родители на ООУ „Љубен Лапе“ Скопје и понатаму ќе остане „буден“ и гласен за сите проблеми и теми и нашето дејствување нека биде пример и мотив за сите други родители и училишта во остварувањето на основната цел, а тоа е беспрекорно образование за нашите деца и здрав образовен систем, велат од Советот на родители.