Најголемото грчко фудбалско дерби Олимпијакос – Панатинаикос беше прекинато во 56. минута откако гостинскиот играч Хуанкар очигледно беше погоден од петарда додека се загреваше крај теренот. Во моментот на прекинот резултатот беше 1:1.
Шпанецот Хуанкар падна на тревникот откако до него експлодираше некој вид петарда. Зашеметениот Шпанец беше изнесен од теренот на носилки, по што гостинскиот тим се повлече во соблекувалната. Набрзо теренот го напуштија и фудбалерите на Олимпијакос, но и италијанските судии кои го водеа овој натпревар.
По повеќе од еден час фудбалерите на Олимпијакос се вратија на загревање, но гостите останаа во соблекувалната. Грчките медиуми јавуваат дека Хуанкар бил пренесен во болница, бидејќи имал проблеми со вртоглавица и со слухот.
„Помина еден час од прекинот, нашиот тим останува во соблекувалната“, објавика од Пао на социјалните мрежи.
Грчките медиуми пренесуваат дека италијанскиот судија Фабио Мареска инсистирал на продолжение на натпреварот, но Пао не сакал да ја напушти соблекувалната на стадионот Караискакис. Два часа по инцидентот, Мареска го прекина натпреварот, па се ќе одлучи Федерацијата.
Панатинаикос поведе во 28. минута со голот на Георгиос Вагианидис, а израмни Меди Камара во 48. минута.
Во претходниот натпревар шампионот АЕК го победи Астерас со 3:0 на гости, а головите ги постигнаа Никлас Елиасон (45+3), Милад Мохамади (77) и Стевен Зубер (86).
Успешен беше и ПАОК кој го совлада Атромитос со 2:0. Двата гола ги постигна Магомед Оздојев (43, 51). За победничкиот тим бранеше Доминик Котарски.
На табелата води Олимпијакос со 19 бодови, а ПАОК и АЕК имаат по два бода помалку. Панатинаикос е четврти со 16 бодови.