Прекинато рочиштето за „Титаник 3“

Судењето за предметот „Титаник 3“ на СЈО, во кој за изборни нерегуларности во Чаир се обвинети пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими и неговиот сопартиец Исмет Гури, продолжи денеска во Кривичниот суд Скопје со сослушување на сведоци.

Пред испитувањето, обвинителката Фатиме Фетаи побара да биде пуштен телефонски разговор, една од „бомбите“ на кој се слуша разговор меѓу две лица, на албански јазик.

Ќе гласаш за Струмица пошто сме договорени за Чаир, вели едниот од нив.

А соговорникот му одговара дека ќе заокружи, по што добива коментар дека „ако се поништи во Струмица, ќе се договорат за Чаир.“

Одбраната на обвинетите реагираше со образложение дека лицата кои зборуваат не се Алими и Гури, како и дека не е познато времето кога се одвивал разговорот и на кого се однесува.

Рочиштето продолжи со сведочењето на Имран Алими, која била претседател на избирачки одбор на избирачкото место 2944.
Таа рече дека од отворањето на избирачкото место во 7 до затвораењето во 19 часот, се течело без никаков проблем. Избирачкиот материја во ОИК го предала во пет часот следното утро, а врз записникот не биле направени никакви интервенции.

Нејзиното сведочење беше прекинато поради обврската на Алими да патува во Брисел, како дел од македонската делегација која ќе учествува на форумот „Кран Монтана“. Ова беше трет пат поради службени обврски Алими да бара одложување на судскиот процес.

Прво сум пратеник, па обвинет, искоментира Аими откако судијката Љубинка Башевска му го порача обратното, дека прво е обвинет, а потоа пратеник, кога тој пробуваше да ги пролонгира судењата закажани во септември, објаснувајќи дека има службени обврски околу реформите во судството.