![pameten casovnik aple](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/12/pameten-casovnik-aple.jpg?resize=696%2C388&ssl=1)
Неовластената употреба на технологијата за мерење на нивото на кислород во крвта ја запре продажбата на паметните часовници на „Apple“ во САД по спорот со производителот на медицински уреди „Masimo“.
Од „Masimo“ го обвинија технолошкиот гигант дека им ги краде клучните работници, како и за неовластено користење на нивната технологија за мерење на нивото на кислород во крвта, појаснува BBC.
Американскиот регулатор во октомври утврди дека „Apple“ прекршил два патента на „Masimo“ и ја забрани продажбата на „паметните“ часовници со апликација базирана на технологијата на „Masimo“, со дискреционо право на вето во Белата куќа до католички Божик, односно 25-ти декември.
На почетокот на декември, „Apple“ „превентивно“ ги отстрани уредите од својата веб-страница и продавниците во САД и најави жалба против одлуката на регулаторот.
Канцеларијата на претставничката за надворешна трговија Кетрин Таи во вторникот објави дека се откажале од интервенцијата, по „темелни консултации“. Од „Apple“ побарале забраната да се одложи додека царинските органи не утврдат дали патентите се прекршени и за модифицираните верзии на часовниците, кои не ја користат технологијата на „Masimo“.
„Apple’ ја вгради спорната апликација во повеќето часовници продадени од 2020 година, со исклучок на поевтиниот „SE“ модел.
Се очекува Царината да донесе одлука на 12-ти јануари, според портпаролот на „Apple“.
Портпаролот на „Masimо“ за агенцијата Reuters ја нарекол одлуката „победа во борбата за интегритетот на американскиот систем за регистрација на патенти и, во крајна линија, за американските потрошувачи“.