Поголема контрола на увозот на замрзнато свинско месо, побара денеска претседателот на Групацијата за производство на свинско месо при Стопанската комора на Македонија, Ефтим Шаклев.
„Треба да се посвети поголемо внимание на прозиводството на свинско месо за да се намали увозот на смрзнато месо. Проблем е што замрзнатото месо се јавува и во малопродажбата. Немаме проблем да увезуваат смрзнато месо произведувачите, но сакаме да знаеме какво месо користат рестораните и малопродажните објекти“, рече Шаклев, додавајќи дека поради тоа од земјава се одлеала рекордна сума од 33 милиони денари.
„ВоМакедонија годишно се произведуваат 10.000 тони свежо свинско месо, а во земјава се трошат и 2.000 тони разладено увезено месо од ЕУ и 9.000 тона замрзнато свинско месо. Од Македонија се извезуваат само 100 тона свежо свинско месо во Србија“, потенцираше Шаклев.
Увозот на свежо свинско месо не не загрижува зашто е многу мал и изнесува 2.000 тона што е раст од 44 отсто во однос на 2006 година. Загрижувачки е увозот на смрзнато месо кое има раст од 77 отсто од 2006 до сега иако во последната година растот е само 10 проценти, рече Шаклев.
Шаклев ги пренесе барањата на Групацијата за производство на свинско месо.
„Со намалувањето на данокот сме убедени дека многу ќе се намали сивата економија и дека ќе има многу поголем прилив на средства во касата на државата со данок од пет отсто отколку што сега има со данок од 18 отсто“, рече тој, појаснувајќи дека бараат и поголема предност за сточарите за добивање на земјоделско земјиште.
Со тоа, како што нагласи тој, значително ќе се поевтини производството на сточна храна и воопшто ќе се поевтини производството во сточарството во Македонија.
„Бараме од Дирекцијата за ветернина да се укине вакцинацијата за свињите против чума, бидејќи и онака не можеме да извезуваме наши свињи во Европската унија. Тоа засега можеме да го направиме во Србија и Албанија“, рече Шаклев, кој нагласи дека доколку не се вакцинираат свињите од чума ќе може македонското свинско месо да се извезува и во Грција.
Бројот на свињи во 2013 година, како што рече тој, е зголемен за 10 отсто во однос на претходната 2012 година иако најголемиот производител Жито Вардар наместо вообичаените 65 до 70.000 свињи пероизвел само 16 до 17.000 свињи.
Еден просечен Македонец годишно јаде по 10 килограми свинско месо, а европскиот просек е 43 килограми.