– Мамографите се есенцијални и најзначајна дијагностичка процедура без која е незамислива борбата против ова широкораспространето малигно заболување кај женската популација. Очекувам со набавката на дополнителни три мамографи да се заокружи овој процес и сериозно да се подигне нивото на квалитет на дијагностичките процедури кои се важни за раното детектирање, рече Тодоров.
Посочи дека во Здравствен дом Крива Паланка досега немало мамограф и ова е прв што се набавува и ќе биде ставен во функција на пациентките од Крива Паланка и целиот тој регион, каде над 250 пациентки годишно беа приморани да го прават ова испитување надвор од местото на живеење.
– Карциномот на дојка е најчесто малигно заболување кај женската популација, знаејќи го овој факт Министерството донесе одлука да инвестира 100 милиони денари во набавка на нови мамографи и во изминатиот период се реализираше набавка на 11 нови мамографи во вредност од 80 милиони денари, рече Тодоров.
Посочи дека овие 11 мамографи се веќе ставени во функција и на нив досега се извршени над 5.000 прегледи, и тоа во Поликлиника Букурешт, Гевгелија, Кавадарци, Радовиш, Македонска Каменица, Охрид, Велес, Прилеп, Кочани и Штип.
– Станува збор за најсовремени мамографи кои содржат компјутерски помогната детекција, што сериозно ја олеснува дијагностиката и се намалува можноста за докторска грешка. Ова многу помогна за одлично функционирање на скринингот на рак на дојка и досега се направени 14.500 прегледи, од кои кај 18,5 проценти се детектирани определени промени и упатени на натамошни испитувања, рече Тодоров.
Скринингот на рак на дојка, продолжи тој, се однесува на жени над 50 годишна возраст и веќе се упатени повеќе од 59 илјади покани до жени од оваа категорија.