Премиер лига: Астон Вила го совлада Арсенал и го турна Ливерпул на врвот

Фудбалерите на Астон Вила ја продолжија фантастичната сезона во Премиерлигата, го победија на својто „Вила Парк“ досега водечкиот Арсенал со 1:0 во последниот меч од саботната програма од 16. коло и со тоа сега заостануваат само два бода зад водечкиот Ливерпул.

Три дена откако го совлада шампионот Манчестер Сити со минимални 1: 0 на истото место, Вила го надигра вицешампионот Арсенал со истиот резултат за нивната 15-та последователна победа на домашен терен. Стрелец на единствениот гол беше Мекгин во 7. минута.

Арсенал имаше речиси двојно поголем посед на топката, но играчите на домаќинот сепак беа поопасни во нападот и имаа повеќе директни удари кон противничкиот гол. Кон крајот на натпреварот Каи Хаверц успеа да ја испрати топката во домашната мрежа, но судијата го поништи голот поради играње со рака. На видеото се гледа како и Хаверц и домашниот дефанзивец Кеш играат со раце, а по долгата проверка на ВАР беше оценето дека Хаверц прв играл недозволено.

Третата Астон Вила сега има 35 бода, еден помалку од вториот Арсенал, а два помалку од лидерот Ливерпул кој претходно во саботата со бесрамна помош на судијата Медли го совлада Кристал Палас како гостин со 2:1 (0:0).

Палас поведе со голот на Матета од пенал во 57. минута, претходно Квансах го удри Матета по нозете во својот шеснаесетник, а Медли дури по неколку минути покажа на белата точка и реакцијата на ВАР. Медли повторно стапи на сцена во 75. минута кога го исклучи Ају поради безопасен фаул на противничката половина. Многу е дискутабилно дали воопшто имаше прекршок, а Медли му покажа втор жолт на Ају, што значеше автоматски црвен картон и исклучување, а Ливерпул со играч повеќе го направи пресвртот во преостанатото време. Веднаш во 76. минута израмни Салах, а во првата минута од судиското надополнување Елиот го комплетираше пресвртот.

Англискиот фудбалски гигант Манчестер Јунајтед доживеа ново понижување со поразот на „Олд Трафорд“ од Бурнмаут со дури 0:3 (0:1). Борнмаут поведе во 5. минута со голот на Соланке, а потоа Билинг во 68. и Сенези во 73. минута ја потврдија првата победа на „црешите“ на „Олд Трафорд“ во историјата.

Со оваа победа Борнмаут скокна на 13. место на табелата со 19 бодови, додека Јунајтед е шести со 27 бодови, но сезонава веќе претрпе седум првенствени порази.

Фенерџијата на табелата Шефилд Јунајтед пред своите навивачи ја оствари само втората победа сезонава, против Брентфорд стрелец на единствениот погодок беше Џејмс Мекејти во првата минута од судискот продолжение на првото полувреме. Шефилд остана последен 20-ти сега со 8 бодови, два помалку од безбедната зона, а Брентфорд остана 11-ти со 19 бодови.

Барнли поведе во 45. минута со голот на Вилсон Одоберт на гостувањето кај Брајтон, за кого бод сепак спаси Симон Адингра во 77. минута. Барнли е претпоследен 19-ти со 8 бодови, а Брајтон е осми со 26 водови, бод помалку зад местата кои водат во европските купови следната сезона.

Гостите поведоа и на дуелот меѓу Вулверхемтон и Нотингем Форест, а стрелец беше Хари Тофоло во 14. минута. Сепак, Домапните преку Матеус Куња израмнија во 32. минута. Вулверхемтон е 12-ти со 19 бодови, а Нотингем Форес е 16-ти со 14 бодови, пет повеќе од зоната на испаѓање.