Првиот краткометражен филм за мултипла склероза насловен „Роденденски подарок“ денеска беше премиерно прикажана во Кинотеката на Македонија, Скопје. Филмот е заеднички проект на Националното здружение за поддршка на лица со мултипла склероза и Факултетот за драмски уметности во Скопје и ја прикажува реалноста и здравствените и социјалните предизвици со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза.
Десетминутниот филм е снимен на локации во Скопје и е фокусиран на здравствените и социјалните аспекти прикажани низ призма на борбата на главната хероина со нејзината хронична болест од една страна и отсуството на емпатија од останатите од друга страна.
– Филмот прикажува и разработува исклучително чувствителна тема каде глумците, режисерите, сценаристите, камерманите, монтажерите и други несебично се внесоа и не штедејќи го својот потенцијал успеаа вешто да ја отсликаат реалноста и верно да ги доловат предизвиците со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза, изјави Ана Карајанова Димитрушева, Претседател на Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.
Мултипла склероза, како што информираат од Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга. Мултипла склерозата има огромна палета на симптоми од кои дел се спастичност, замор, проблем со видот, уринарна дисфункција, болка и многу други.
Во Република Северна Македонија од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,5 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 25 до 31 година, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.