Пресудата на Шешељ во Хаг не може да се очекува до крајот на 2015 година

Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц синоќа изјави дека пресудата на Воислав Шешељ не може да се очекува пред крајот на 2015 година, пренесе МИА.

Брамерц за ТВ Н1 изјави дека за жал реалноста е оти по десет години нема пресуда и изрази надеж дека пресудата на Шешељ ќе биде изречена што побрзо.

Главниот обвинител на Трибуналот изјави дека одлуката за пуштање на Шешељ без никакви услови „не е вообичаена“. Тој нагласи дека пресудата требало да биде изнесена во октомври минатата година, но дека еден од судиите е сменет и тоа Фредерик Хархоф.

Брамерц, исто така, ги отфрли тврдењата на Расим Љајиќ дека Хашкиот суд го пуштил Шешељ со цел тој пресудата да ја дочека на слобода во Србија.

– Не знам што Љајиќ мисли со тој коментар. Имаше слична ситуација и во случајот Прлиќ, каде некои луѓе се пуштени на слобода пред пресудата или за време на чекање на пресудата. Кога ќе биде донесена одлука, јасно е дека Шешељ ќе биде повикан во Хаг, нагласи Брамерц.